Со пари од граѓаните против насилниците во болниците

Лани не успеа да договори војници да ги чуваат болниците, па по зачестените напади врз докторите, Филипче реши приватна агенција да ги обезбедува критичните здравствени установи, без да прецизира колку ќе не чини безбедноста на белите мантили, за која ќе се плаќа со народни пари, преку Министерството за здравсtво.

-Професионално обезбедување ќе биде ангажирано на четири најкритични места. Едно од нив е старата Градска болница. Тука се слеваат огромен број на случаи. Се случуваат инциденти со алкохолизирани граѓани. Тука често има сообраќајки. Обезбедување ќе го чува и Ургентниот центар при Универзитетската Клиника, клиниките Токсикологија, Кардиологија и секако Клиниката за Психијатрија, која пак има и сопствен механизам за справување со инциденти, вели министерот за здравство.

МВР ќе излезе во пресрет, па ќе има и мобилни екипи што ќе патролираат, ветува министерот.

Минатата година Филипче бараше болниците да ги чуваат војниците на АРМ, а ваквата идеја наиде на осуда. Тој сега вели дека причините зошто овој план не се остварил, биле само административни.

Периодов зачестија нападите кон лекарите и медицинскиот персонал, а докторите излегоа со барање до надлежните да ги заштитат здравствените работници, оти тоа е само дополнителна причина да си заминуваат од земјава. Тие тврдат оти вработените дури одбивале да работат поради страв.

Последен од низата инциденти со тепачки во болници, се случи вчера во поранешната градска болници, односно Клиниката „Св. Климент Охридски“ каде освен дежурниот болнички персонал и обезбедувањето, насилните решиле да се пресметуваат и со полицијата.

Сања Трајковска Ставров