Со палењето на маските во Вевчани изоре и бугарското знаме, реагира Захариева, МВР го бара сторителот

Полициските специјалци со штитови и пендреци, насила им го растурија карневалот, а сега обвинителството и полицијата се во потера на човекот од Вевчани кој го запалил бугарското знаме како дел од финалната манифестација кога традиционално се палат маските на крај од карневалот.

Експресната реакција на македонските власти дојде неколку часа откако бугарската министерка Екатерина Захариева објави на Фејсбук дека преку својот амбасадор во земјава испратила демарш до македонското министерство за надворешни работи. Основното јавно обвинителство од Струга веќе отвори предмет по допрен глас, а полицијата трага по сторителот.

Да, за жал имавме таков немил настан. Ние работиме на целосно расчистување на тој случај и очекуваме наскоро да биде расчистен – истакна портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.

Потпалувањето на бугарското знаме беше само дел од старата традиција на  Вевчанскиот карневал, кога на последниот ден, односно на затворањето, сите маски, костими и реквизити се фрлаат во оган. Но, очигледно во овој случај традицијата не важи. По измените на кривичниот законик од 2014 година, палење на знамето на Македонија и на друга земја е кривично дело, а предвидената казна за сторителот е затвор од една до пет години.

Инаку, македонското министерство за надворешни работи уште утринава го осуди палењето на знамето со став дека тоа му штетело на угледот на карневалот и воопшто на државата. По нив, осуда стигна  од шефот на државата.

Палењето на знамето на Република Бугарија за време на карневалот во Вевчани е недопустливо и за осуда. Меѓу соседите е неопходно градење на доверба, разбирање и почитување – напиша претседателот Стево Пендаровски.

Инаку вевчанскиот карневал е традиција која трае со децении. Василичарите секоја година се маскираат во различни костими и на сатиричен начин се критикуваат политиката и случувањата во општеството.

Адријана Алексиеска