Со низа неправилности истекува рокот за издавање на домашната платежна картичка

Со изборната еуфорија и еден куп проблеми и неправилности утре истекува рокот за издавање на домашната платежна картичка. Според обработените податоци, извисија нешто повеќе 85.000 граѓани, а над 30.000 поднеле приговори. Мерката беше дел од третиот пакет-мерки на Владата за поддршка на економијата. Институциите сега ги прегледуваат усвоените приговори, најголем дел од средношколци и студенти.

Дека била тенка линијата меѓу помош за граѓаните и предизборен поткуп со платежните картички, потврдија и дел од експертите. Според Слаѓана Тасева од Транспаренси Интернешенел, периодот на реализација на мерките се совпаднал со предизборието, па тешко било да се дефинира дали процесот некој го злоупотребил. Тасева смета дека пакетот мерки личел на популизам кој имал за крајна цел добивање гласови на избори.

И покрај хаосот и незадоволството на граѓаните, власта се правдаше дека проектот бил успешен со доделувањето на картички.

Аналитичарите изминатиов период постојано предупредуваа дека делењето на картички и ваучери е предизборен поткуп на купување гласови.

Антикорупциската комисија веќе го испитува начинот на кој се поделија пари за исплата на плати, дали средства легнале кај добростоечки фирми, а кои компании што заслужиле помош биле одбиени.

Инаку, домашна платежна картичка треба да добијат над 324.000 граѓани од 3.000 и 9.000 денари, а 117.000 вработени да одат на одмор со ваучер од 6.000 денари. Стартот на искористувањето на картичките се поклопи со предизборниот период, а ваучерите станаа валидни токму на денот на изборите на 15-ти јули.

Банките имаат рок да ги издадат до 18 јули, односно утре, а граѓаните може да ги искористат најдоцна на 15 август годинава. Целта е за краток период да се помогне економијата со купување домашни производи.

Заклучно со 8 јули, издадени се над 187.000 домашни платежни картички. Целиот проект тежи 28 милиони евра и парите се префрлени кај банките што ги издаваат.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста