Со ниски откупни цени и задоцнети субвенции, овчарството ќе замине низ вода

Четириесет и пет годишниот Серхан Усеиновски, сточар од пелагониско  Будаково и претседател на Битолското здружение на сточари, со својата петчлена фамилија живее од овчарството во кое врти над двесте глави овци. Усеиновци бел ден не можат да видат од тешката сточарска мака, да ги напасат овците, да ги измолзат, јагнињата да ги излачат, па сирење да направат и уште по нивите, штом дојде време за тоа, да посејат и ожнејат летнина за храна на овците. Годинава се попарени со ниската откупна цена на јагнињата.

  • Досега имаме продадено 150 јагниња и имаме уште 50 помали јагниња. Цената е 130 денари и не се исплаќа. Треба да биде минимум 182 денари за да ги достигнеме производните трошоци за јагнето. Субвенции уште  немаме добиено за оваа година и рекоа  во Агнецијата дека имале проблеми со пандемијата и не биле обработени документите. Таква имам информација и што ќе биде не знам. Се мачиме и оваа година пролетта доцни и при крај сме со храна, а пари нема- рече Усковски.

Експертите по сточарство од државните институции, пресметаа дека годинава трошоците за килограм произведено јагнешко чинат 184 денари,  па диспаритетот удри по фармерите како и лимитирачките извозни пазари претежно во Италија и Хрватска. Допрва ќе се бројат фармерите што се откажуваат од овчарството, не можејќи повеќе финансиски да издржат.

  • Еве, како што гледате, шталата е празна. Овците ги продадовме поради ненавремено префрлување на субвенции оти ни ги префрлуваат  до 30 јуни, а нам кога ни се потребни во ноември и декември тогаш не ни ги даваат. Сега ништо, ќе чекаме пензија, ако нидадат- рече Тони Стојчевски, фармер од с. Гнеотино.

Досега, извезени се  170. 000 јагниња, а спред проценките ги има уште триесет илјади. Нејасни се есапите колку од овој бизнис заработуваат странските експортери и домашните откупувачи, но едно е сосема јасно дека тоа не се домашните фармери со откупна цена од 130- 140 денари по килограм јагнешко. И уште повеќе, фалиментото кај повеќе одгледувачи на овци не ќе да е арен знак ниту за државата и некако потсетува на онаа мисла на утопистите од 19. век  дека “овците ги “изедоа“ луѓето“. А субвенциите доцнат, тамам откупувачите на јагниња да ги уценуваат сточарите кога парите им се најпотребни, зашто ги трошат последните резерви на храна. Од ПЕ на Министерството за земјоделство велат дека субвенциите ќе се исплатат до крајот на април. На тоа, сточарите  гледаат со голема скепса, зашто од истата субвенциска торба,  сега треба да им се плаќа и на тутунарите и  овоштарите.

Петар Стефановски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста