Со негативен тест за Ковид, 50-годишен прилепчанец бил погребан според сите протоколи за Ковид ?!

Се нижат апсурдите и контрадикторностите околу починатите од Ковид 19. Педесетгодишен прилепчанец, по препорака на лекарите, вчера бил погребан според сите Ковид протоколи, откако претходно една недела бил лекуван во болнички услови, иако немало потврден тест дека тој е позитивен на вирусот. Бизарноста да биде уште поголема, резултатите од тестот, семејството ги добило за време на самиот погреб и тие биле негативни, сведочaт за Алфа негови блиски роднини.

„По настанувањето на смртта неколку часа чекавме да добиеме информација поради која причина е настаната смртта. Дали е поради Ковид или не, бидејќи во текот на целото негово лекување тој немаше добиено никаков тест според кој што би знаеле ние дали е позитивен или негативен. Дури откако настапи неговата смрт, ние чекавме два до три часа да добиеме информација од докторите. Веќе третиот пат кога пробавме да добиеме, беше само едноставно речено – ајде пишете го од Корона“ – сведочи внуката на починатиот, Ангела Трендафилоска.

Ангела објаснува дека покрај големата тага, но и стравот дека можно е целото семејство да е заразено, огромен им бил шокот кога за време на погребот, телефонски ја добиле информацијата дека човекот, сепак е негативен.

„Тестот во писмена верзија го добивме дури денеска, а телефонски ни беше соопштено вчера, на 16-ти, на денот на самиот погреб, значи еден час отприлика пред погребот“, – раскажува внуката Ангела.

Скршени од болката, а особено од начинот на кој го испратиле својот роднина, семејството е соочено и со огромниот психолошки притисок кој го трпеле сиот овој период.

„Ние сме фамилија кои што живееме во иста куќа со него, меѓутоа не на исти кат. Постоеше општ страв меѓу нас, меѓутоа она што беше побитно е стравот и одбивањето од другите луѓе кога настапи моментот на тагата, кога не можевме да ја споделиме тагата на начин што би се гушнале и би си дале поддршка едни на други“, – ни раскажа за Алфа, 28-годишната Ангела.

Инаку, сознанијата на семејството Трендафилоски се дека нивниот роднина, најверојатно починал од инфаркт или од мозочен удар, иако првичните симптоми му се појавиле во облик на бронхопнеумонија. Тој и претходно имал извесни здравствени проблеми.

Каролина Дурло

                                                                                                         

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста