Со навреди и пцовки, СДСМ предизборно го „дисциплинира“ своето членство?!

    „Цели 29 години сум член на СДСМ и досега вакво омаловажување, навредување и срам од своите сопартијци, не сум доживеала. Ова што ми се случи на два наврати во последниве дестина дена од страна на мојот партиски координатор и локален државен службеник, е невидено бламирање за целата партија“. Вака ја започнува својата мачна приказна долгогодишната членка на прилепскиот огранок на СДСМ, која заради срамот пред своите сограѓани сакаше да остане анонимна, а чиј идентитет и’ е познат на нашата Редакција.

    Нашата соговорничка, која инаку е просветно лице од едно општинско средно училиште, доживеала вистински шок, кога заради болест, не можела да учествува во предизборната партиска активност „Од врата до врата“. Нејзиниот координатор за МЗ „Тризла 1“, со најпогрдни зборови и вулгарни пцовки, почнал да и’ се заканува дека тој ќе средел за да  ја избркаат од работа. Под силен стрес и шокирана, таа случајот го пријавила и во партиската Централа во Скопје, и во Невладиниот сектор.

  „На ден 4.10 ми се закануваше по телефон дека ќе ми биде одземено моето Решение за работа, дека ќе бидам физички напдната и ми упатуваше навредливи зборови и пцовки кон мене како жена. А нели, СДСМ се залага за правата на жените и нивна заштита од насилство“, прашува нашата соговорничка, притоа додавајќи дека ова било само увертирата во она што следело една недела подоцна.

  „После недела дена од овој настан, присуствував на партиски собир во штабот на СДСМ – „Тризла 1“, каде што истото лице, пред луѓе ми се закануваше, ме омаловажуваше, ме навредуваше и се обиде насилно да ме избрка од партискиот штаб. Лицето ми се закани дека и физички ќе ме нападне доколку не го напуштам штабот. Поради стерсот кој што го доживеав, на лице место сум изгубила свест и со Итна помош бев пренесена во Болницата во Прилеп. Последиците од тој настан ги чувствувам и денес, бидејќи, по препорака на лекарите, се уште сум под терапија“, – видно вознемирена ја раскажува својата голгота нашата соговорничка.

   И двата напади, нашата соговорничка, освен во МВР, ги пријавила и кај повисоките локални партиски функционери, вклучително и кај пратеникот од оваа партија. Но, како што вели самата, досега никој ништо не презел. Според нејзините зборови, нејзиниот не бил единствен случај на партиски притисоци и уцени, особено периодов. Меѓутоа членството било исплашено за  да ги пријави, најмногу од последиците по своите работни места. Бројни биле и премолчувањата дури и за задолжителната, уценувачка обврска да донесат по 20 лица, а кои на престојните избори сигурно ќе гласале за владеачката партија.

   Колку за потсетување, за ваквите уцени врз членството, вчера во Прилеп беа презентирани и извесни аудио-снимки на кои јасно се слуша што се’ им се ветува на членовите за добивање на нивниот глас, вклучително и непостоечки работни места, како што е, на пример – „возач на лифт“ во претпријатие каде што лифт и нема.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста