„Со Максо да се сретнеме во парк, а не во болница“- кумановчани бараат чист воздух

„Со Максо да се сретнеме во парк, а не во болница“, „Диши ако смееш“, ова се само дел од пораките кои кумановчани ги испратија на денешниот протест поради проблемите со загадениот воздух. Тие се гневни што нивниот град последниве денови е меѓу најзагадените во светот, велат институциите мора да се фатат за работа, бидејќи не веруваат дека се презема нешто.

-Со Максо да се сретнеме во парк, а не во болница, како што гласи мојот транспарент.

-Нашите барања се да преземат нешто, воздухот да биде почист, да реагираат и да биде подобро за сите нас.

-Општеството треба да преземе нешто против загадувањето.

-Да се воведе некоја програма да се каже и да се изолира градот од загаденост. Тоа делува негативно на човечкиот организам… Локалната власт дали презема мерки? Па, не верувам.

Од здружението на граѓани „Македонија сака да дише“, кои го организираа протестот, подготвија и листа на барања со итни и долгорочни мерки. Долгорочните барања се 5 проценти од буџетот  на општината да се намени за мерки против загадување, интензивна гасификација, купување автобуси на метан, како и масовно пошумување на околината на градот.

-Краткорочните мерки кои што ние денеска тука ќе ги предложиме. Основната е рестриктивно движење кога аерозагадувањето е доста големо во период од 16 до 23 часот, бесплатен јавен превоз кој што ќе е субвенциониран од општината Куманово, ваучери за купување на велосипеди, вели Фросина Ѓорѓиевска.

Градоначалникот на Куманово, кој денеска беше во Скопје, вели митингот го организирала опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Максим Димитриевски потврдува дека градот бил на врвот на светските листи по загаденост, но вели состојбата била таква бидејќи мерната станица била поставена кај најголемиот загадувач, па информациите не можеле да се земат веродостојно за целиот град. Во моментов нови мерни станици нема да бидат поставени, бидејќи општината немала пари за таква инвестиција.

-Прашавме колку тоа би не чинело, некаде од 150 до 200 илјади евра, што е сериозна сума за нашиот скромен буџет. Бидејќи знаете дека општината подолг период е под финансиска блокада и работиме со минимална резерва, изјави денеска Димитриевски кој беше на трибина на СДСМ во салата „Борис Трајковски“.

Не само кумановчани, денеска на протест поради загадениот воздух излегоа и жителите на скопски Ѓорче Петров и Струмица. Ѓорчепетровци порачаа дека нивната населба била скопски Чернобил, струмичани пак побараа во нивниот град да им биде вратен чистиот воздух.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста