Со Централна прослава пред Собранието, Македонија слави 30 години независност

Со централна прослава пред Собранието, Македонија денеска одбележува 30 години од својата незаисност. Орден „8 Септември“ му се доделува на Стојан Андов, првиот претседател на првото повеќепартиско Собрание, и на пратениците во Собранието на Република Македонија во мандатниот период од 1990 до 1994 година.

Од 17:00 часот ќе биде централна манифестација пред Собранието, а ќе започне со изведба на делото „Симфонија за филхармонија“ од композиторот Живоин Глишиќ по што следи дефилето.

Здравствени работници, спортисти, пожарникари, полицајци и војници, рудари, земјоделци, волонтери на Црвен крст, извидници, како и националните ансабли и културно-уметничките друштва ќе продефилираат во центарот на Скопје, како дел од прославата по повод 30 години независност на државата.

Според протоколот, официјалниот дел ќе почне во 18:30 часот со интонирање на химната од страна на Воениот оркестар, по што ќе следуваат говорите на државниот врв. Обраќање ќе имаат претседателот на државата Стево Пендаровски, собранискиот скпикер Талат Џафери и премиерот Зоран Заев.

Денот на независноста го прославуваат и од ВМРО-ДПМНЕ, но во Битола. Од опозициската партија велат дека тоа ќе биде „вистинско народно одбележување на јубилејот“. Најпрвин ќе одржат трибина, насловена „30 години се грижиме за Македонија“, на која ќе учествуваат поранешните министри Мартин Тренески и Маријан Ѓорчев, поранешниот скопски градоначалник Коце Трајановски поранешниот технички премиер Емил Димитриев и првиот градоначалник на Битола Златко Милошески. Централниот дел од прославата на ВМРО-ДПМНЕ ќе се одржи во 19 часот на плоштадот Магнолија во Битола, кога обраќање ќе има и првиот човек на партијата Христијан Мицкоски.

Во Скопјае пак, веќе од 19:30 часот започнува музичкиот дел со изведба на песна специјално аранжирана за оваа прилика и музички дел со познати солисти кои заедно со Националната филхармонија ќе изведат неколку антологиски забавни нумери.

Покрај официјалните гости и медиумите, според протоколот и актуелната состојба со пандемијата, предвидено е присуство на околу 1.000 акредитирани граѓани кои приложиле вакцинален сертификат или потврда за прележаност од Ковид-19..

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста