Со Астра Зенека први ќе се вакцинираат граѓаните над 75 годишна возраст – матичните предупредуваат од хаос, бараат да се отвори кол центар за закажување

Граѓаните над 75 годишна возраст како најризична категорија ќе бидат први што ќе ја примат вакцината на Астра Зенека. Вакцинацијата ќе почне во среда, во сите градови во Македонија, каде ќе има интерес за имунизација. И покрај контроверзите врзани со нус ефектите од оваа вакцина, министерот Филипче уверува дека таа е безбедна за сите возрасти и оти и тој самиот ќе ја примел, но вели не сега.

„Ставот на стручниот тим е дека апсолутно нема контраиндикација да граѓани од било која возраст се вакцинираат со оваа вакцина на Астра Зенека. Лично, сега нема да се вакцинирам, ќе почекам да стигне поголема количина на вакцини, да биде вакцинацијата лесно достапна за сите граѓани, а тогаш кога ќе биде ќе се вакцинирам со Астра Зенека за да докажам дека овој сомнеж за сега го има само во таа вакцина е апсолутно неоснован“, вели министерот за здравство Венко Филипче.

Министерот најави оти закажувањето термин за вакцинација ќе оди преку матичните доктори и дека процесот веќе е започнат – но матичните велат ниту добиле инструкции, ниту пак знаат како да ги упатат пациентите на вакцинација. Од друга страна револтирани се од одлуката целиот товар со имунизацијата да се фрли врз нивни плеќи, особено во време на најголем пик на пандемијата кога дневно опслужуваат по неколку десетини пациенти позитини или сомниетелни на Ковид 19. Му порачаа на министерот да си отвори кол центар кој ќе го преземе закажувањето на вакцинација.

Сепак, одлуката матичните да бидат тие кои ќе упатуваат на вакцина, Филипче ја правда со фактот што општите доктори најгобро ги знаат здравствените состојби на своите пациенти.

„Сите кои што се пријавиле ќе бидат повикани, сепак мора од матичниот лекар заради тоа што мора да се искомуницира, да се поразговара за здравствената состојба во моментот, евентуално да се сподели некој дали има влошена здравствена ситуација и согласно тоа да се закаже термин“, додава Филипче.

Сите 24.000 вакцини на Астра Зенека, кои стигнаа во неделата, ќе бидат искористени за вакцинирање за прва доза, а за ревакцина која треба да се прими по 3 месеци, ќе бидат обезбедени нови дози преку пратка од 76.000 дози која треба да стигне во април преку ковакс системот.

Во меѓувреме, забрзано се подготвува Спортскиот Центар Борис Трајковски каде ќе се врши масовната имунизација по примерот на Белградки Саем каде викендов се вакцинираа илјадници граѓани од Македонија. Филипче вели оти во салата ќе има 30 вакцинални пунктови, а вакцинацијата најверојатно ќе почне со кинеската вакцина Синофарм. Кина, допрва треба да соопшти кој ден ќе ги испорача нарачаните 200.000 вакцини. Дополнително, министерот по кај знае кој пат се пофали дека договорот со Фајзер бил комплетиран и оти конечната верзија ќе потпише до крајот на оваа недела.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста