„Со 3500 денари за туѓа нега ни лекови не можеме да купиме“ – пациентите на дијализа не гледаат излез

Што може да се направи со 3500 денари туѓа нега во месецот, како да се работи со половина здравје, кога секој втор ден си во болница – пациентите кои одат на дијализа, освен со здравствени, се соочуваат и со други, тешки проблеми, како шо е лошата организација на транспортот, но и тоа што од џеб даваат пари за потребните лекарства – што ги прави да се чувствуваат како заборавени од државата.

Нив ништо не ги интересира, мене ми треба здравствен работник, три четири саати да помине со мене. Има луѓе што се сами а поминуваат низ ова. Јас ги прашал нив што можат да направат со 3500 денари. Ништо не е покриено од Фондот, се плаќаме сами. Ако си здрав, не е проблем, ќе заработиш. Но ние сме болни и не може да работиме – вели Небојша Додевски.

За оваа минимална помош, се приморани секоја година да ги обновуваат документите, ако не го направат тоа, ќе ги укинат и тие малку пари што ги земаат. Наместо да им помогне, државата гледа само да заштеди колку што е можно повеќе, на нивни грб.

Гази што ни ги ставаат, беа милиметар, сега нашле најевтина компанија, што се прозирни, и требаат 50 тупфери да ја прекине крвта. Гледаат да заштедат, да лапнат за нив, а за нас не им е гајле – вели Додевски.

Пациентите кои одат на дијализа мака мачат и со транспортот. Според Додевски, едно возило вози од еден крај на Скопје до друг, за да може да ги транспортира, што некогаш им одзема и по неколку часа, кога тие веќе се исцрпени од четиричасовната дијализа. Се обидел да ни го долови тоа преку видеата што сам ги снимил со телефон.

Ние сме исцрпени, по четири пет часа на апарати, некој има висок притисок, некој низок, некој не може да оди или да се качи во комбе, а мора да го поминуваме цело Скопје – вели Небојша.

Небојша е пет години на дијализа, три до четири пати неделно. Иако повеќе пати се обратил за помош од државата, постојано е одбиван. Покрај здравствените проблеми кои си ги имаат, вели дека на пациентите на дијализа не им требаат дополнителни проблеми, и затоа бараат државата да ги слушне и да ги подобри условите за лекување и транспорт.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста