Снежен хаос во Скопје – локалните власти спијат, граѓаните бесни

Пред еден месец градоначалникот Шилегов се пофали дека се расчистуваат улиците во главниот град, токму кога не беше падната ниту една снегулка. Ова е сликата денес кога ниските температури и снегот среде зима повторно ги изненадија локалните власти. Граѓани и возила во борба по простор за движење, остатоци од кашест снег по булеварите , мраз по тротоарите . 

Долго најавуваниот снег направи хаос низ скопските улици. Булеварите делумно исчистени, споредните улици речиси непроодни.

Градоначалникот на Скопје потроши над еден милион евра за откако ќе падне снег навремено да бидат исчистени улиците, но сега сликата на терен е многу поинаква. Граѓаните обвинуваат дека секоја година градоначалниците и покрај безбројните најави, снегот ги „фаќа“ неспремни.

Револт кај граѓаните поради лошото менаџирање со временските услови кои и така се карактеристични за овој период – на социјалните мрежи кружат видеа и фотографии каква беше состојбата на улиците. Жителите алармираа дека не можат да се искачат по угорниците, а настанал и сообраќаен хаос оти неколку автомобили се лизгале надолу. И во Општина Кисела вода не беше ништо поразлично. Средството против подмрзнување со кое властите се фалеа дека ги испрскале сите улици, дополнително ја влоши состојбата. Сообраќајна несреќа се случила и таму и во уште неколку населби во главниот град токму поради неисчистениот булевар.

Како резултат на состојбата на патиштата во изминатото деноноќие, наносите на снег и лизгавите коловози бележиме благо зголемување на сообраќајните незгоди. Така, на поширокото подрачје на Скопје се регистрирани 14 незгоди, за среќа само со материјална штета и 3 со полесни повреди – велат од Министерството за внатрешни работи.

Изутрината и автопатот кон граничниот премин Табановце беше завеан со снег, а возилата мораа максимално да внимаваат на брзината на возење со цел да се избегнат можни излизгувања од коловозот.

По критиките во јавноста, градскиот татко ги собра членовите на Кризниот штаб со цел да се разгледаат извештаите на зимската служба.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста