Снегот ја замрзна работата на Македонија пат: Самка Ибраимоски вели се е во ред, МВР препорачуваат да не се вози

Февруарскиот снег ја замрзна работата на Македонија пат. Уште еднаш не се покажа баш во најдобро светло. Автопатите и регионалните патишта, беа проблематични точки за возење во текот на првиот снежен ден годинава. Иако сликата на терен не изгледа баш така, заменик директорот на македонските патишта Самка Ибраимоски смирува, се било во ред.

-Гледам сите прашувате каде сум, тука сум, работам и во ова време со пунктовите на Македонија пат, низ Републиката, се чисти и цела механизација е на терен, сите патишта се проодни, пишува на Фејсбук Самка Ибраимоски.

Состојбата на патиштата низ државата беше повторно причина и за реакции на социјалните мрежи. Дел од нив нормално и со доза сеир.

-Се бара итно господинот Самка Ибраимоски, да ни каже кој патен правец е исчистен и прооден, пишува во еден статус на Фејсбук.

-Самка, се санкаме брату, пишува еден корисник на Твитер.

-Македонија пат не е изненадена, Македонија пат е запрепастена, пишува во пост на Твитер.

Поради снегот воведен е зимски режим на сообраќај, на повеќе патни правци е воведена забрана за тешки товарни возила. Од Министерството за внатрешни работи пак со апел до граѓаните, доколку немале потреба да не возат.

-Министерството за внатрешни работи апелира до возачите доколку немаат посебна потреба да не излегуваат со возилата, а доколку сепак мора да се вклучат во сообраќајот, да бидат  посебно внимателни и строго да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, со посебен акцент на  задолжителната зимска опрема и прилагодувањето на брзината спрема условите на патот, велат од МВР.

Снежните патишта земаа и еден живот синоќа. Во тешка сообраќајна несреќа која се случила 10 минути после полноќ на магистралниот пат Гостивар- Кичево, загина едно лице на 54 годишна возраст, а со повреди се здобиле и двајцата негови сопатници.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста