Сметководителите излегоа на улица, протестираа пред Владата поради глувиот однос од институциите
Продолжување на рокот за доставување на годишните завршни сметки и финансиски извештаи, бараат сметководителите кои денеска излегоа на протест пред Владата. Велат, разочарани се од игнорантскиот однос на власта, до која повеќепати испратиле барање за средба на која би разговарале за решавање на проблемите.
- Наметнатите кратки рокови и недоречености во законските решенија, примена на истите на среден рок ќе се причинско последична врска за квалитетот на даночното, односно финансиското известување, коешто е сигнификантно за даночната и економската политика на државата. Ве известуваме дека сме принудени своите права да ги оствариме со организиран протест пред Владата. Искрено се надеваме на прием од страна на претставници од Влада воедно и претставници од сите институции задолжени за измените согласно барањата, наведуваат сметководителите.
Сметководителите тврдат дека рокот им е прекраток, зашто дел од колегите биле во изолација, а казните и пеналите за доцнење биле големи. Побараа да се следи примерот на соседните земји. Продолжување на рокот за пријава на ДДВ за 4 дена не ги задоволува, па затоа останува да протестираат.
- Сметководителите кои во Македонија се 10.000, ја живеат ерата на легислативна хиперинфлација, со законските измени и постоечките одредби во услови на пандемија, коишто одредби во практицирањето ги извршуваат овластените сметководители. Сето тоа без некој да води сметка за притисокот кој го преживуваат за да одговорат на сите предизвици при имплементирањето на законските решенија. Наметнатите кратки рокови и недоречености во законските решенија, примена на истите на среден рок ќе се причинско последична врска за квалитетот на даночното односно финансиското известување, кое што известување е сигнификантно за даночната и економската политика на државата, велат тие.
Пролонгирањето на рокот за поднесување на финансиските извештаи немало да има никакви финансиски импликации врз буџетот, тврдат тие. Бараат и нов Закон за вршење на сметководствени работи, со кој ќе се регулира професијата, односно ќе се знае кој може да биде сметководител со лиценца, па така ќе се намалела и сивата економија. Инаку, во земјава има околу 10.000 овластени сметководители.
Борис Грујоски