Случајот „Рекет“ полн со пикантерии за целиот скандал на лажни вести

Случајот „Рекет“ од ден во ден полн со пикантерии за целиот скандал. Од живеење во луксуз, до барање помош и лекарства за смирување во затвор, па и дека Боки 13 сакал да заврши во лудница, но и дека целиот случај се претставува како цела шема за пари во соседството каде се потплатувале српски политичари.

Валканите пари од аферата „Рекет“, кој ја тресе Македонија, но и регионот, оделе во Сојузот за Србија и тоа преку Вук Јеремиќ, открива српски „Курир“. Јеремиќ, кој е еден од лидерите на Сојузот, повеќе пати доаѓал во Скопје, каде се состанувал со луѓе од опкружувањето на Боки 13, меѓу кои клучен е Зоран Башановиќ, советникот на Зоран Заев. Повикувајќи се неидентификуван извор српски „Курир“ објавува дека на тој начин биле префрлени неколку стотици илјади евра. Планот бил прекинат со апсењето на Боки 13.

Претходно, српскиот портал „Курир“ објави детали дека осомничениот во „Рекет“ Бојан Јовановски испратил порака до македонскиот државен врв дека сака да се премести во психијатриското одделение, а ако тоа не биде направено во рок од три дена, тој на виделина ќе изнесе докази за нивната вмешаност во случајот.

Ниту прима инекции, ниту доаѓала брза помош, ниту пак барал да биде преместен на психијатрија, се огласи и директорот на затворот во Шутка, Есад Рахиќ, кој ги демантира овие информации.

– Не вреди да се коментира, се е измислено. Ако е некој за психијатрија тоа се ликовите што ги прават овие вести. Ниту прима инекции, ниту доаѓала брза помош, ниту барал да биде преместен на психијатрија, вели директорот на Шутка.

Инаку, случајот „Рекет“ во последниов период стана непресушен извор на лажни вести, пласирани најчесто во дел од српските медиуми, а серијалот за Боки 13 се претвори во медиумска сапуница. Бојан Јовановски се наоѓа во притвор од 16-ти јули. Тој беше уапсен на граничниот премин Богородица, а осомничен е за изнуда на 1.5 милиони евра и перење на пари.

Борис Грујоски