„Случајот Камчев“ се поизвесно добива меѓународен мониторинг- дали бизнисменот без никакви докази е во притвор?

Се поизвесно е дека случајот со бизнисменот Јордан Орце Камчев ќе добие меѓународен мониторинг. Ова доаѓа откако одбраната во повеќе наврати повторува дека тој е држен во притвор без никаква причина и никакви докази. Неговиот адвокат Тони Менкиноски вели дека откако беше објавена службената белешка во јавност, јасно е дека таа е празна и не содржи ништо, а останува единствена причина, поради која според зборовите неговите зборови, Камчев е киднапиран.

-Бараме фер постапка пред објективен и непристрасен орган во Македонија, каде низ аргументи и докази ќе докажеме дека Јордан Камчев не е виновен и дека се работи за процес со  кој се сака да му се наштети на неговиот углед и репутација како истакнат стопанственик. Меѓународниот мониторинг во овој случај е се поизвесен и на крај би сакале да констатираме – до кога ќе се држат случаи во фиока и ќе се забораваат без никаква одговорност!, изјави Менкиноски.

Менкиноски вели дека АНБ прво не смееле да го следат Орце Камчев, прашувајќи каква опасност врз националната безбедност е стопанственик, кој вработува илјадници луѓе и плаќа 10тици милиони евра данок во буџетот на државата. Втора работа која ја потенцира Менкиноски е дека оваа белешка воопшто не смее да се користи како доказ, што според него значи и кривична одговорност за АНБ, но и за обвинителката Лиле Стефанова и судијата на претходна постапка, кој определил мерка притвор без никакви докази.

-Оваа белешка уште не е доставена до одбраната, иако во повеќе наврати од различни институции ја имаме побарано и оспорено нејзината употреба. Се имаме обратено до АНБ, Судот и Врховниот суд, досега никој не ни одговорил, изјави Менкиноски.

Откако обвинителката Вилма Русковска соопшти дека наредниве денови треба да биде поднесено обвинение за Камчев за случајот „Плацеви на Водно“, неговиот адвокат вели нема никакви докази дека тој го сторил кривичното дело кое му се става на товар, велејќи дека единствена причина за тоа е неговиот клиент да биде држен во притвор, откако во јавност се појави службената белешка. Потенцира и дека во овој случај треба да бидат опфатени лица од власта, а не Орце Камчев.

-Процесот „Плацеви на Водно“ не е целосен бидејќи постојат плацеви во истрагата а се дел на одредени групи кои се блиски до власта на сегашната политичка гарнитура, и тоа морам да го потенцирам бидејќи се работи за селективност. Тоа е причината како би се затскрила оваа белешка, на начин на кој се сака мојот клиент да остане и понатаму во притвор, изјави Менкиноски.

Како што информираше Менкиноски службената белешка која го однесе Орце Камчев во Шутка се уште ја нема добиено ниту собраниската комисија која ја контролира работата на АНБ, со оправдание дека истрагата се уште во, иако истата како што кажа адвокатот, но и обвинителката Русовска, веќе е завршена. Камчев е во притвор веќе два месеци, а вторите 30 дена кои му определи судот истекуваат на 13 мај.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста