Случај Рекет – „Падна“ обвинение, специјалната обвинителка „ќарила“ и мебел и 50.000 евра во кеш

Сомнежите за „Рекет“ се сторија обвиненија. Обвинителството за организиран криминал и корупција до Кривичниот суд против Бојан Јовановски, Катица Јанева и Зоран Милески поднесе обвиненија. Јанева се товари за злоупотреба на службената положба, а Боки 13 и Зоки Кичеец за кривичното дело „Примање награда за противзаконито влијание“. Според обвинението, од ноември минатата година до април годинава од Јордан Камчев извлекле 1.550.000 евра со цел да ја олеснат неговата позиција во предметот на СЈО „Империја“. Дел од парите при истрагата се пронајдени, Бојан Јовановски ги трошел за луксузни уживања, а Јанева, освен мебел, според обвинителниот акт, зела и 50.000 евра.

-Првообвинетиот иако невработен, со блокирани трансакциски сметки и без приход, на почетокот на оваа година купувал за себе луксузен мебел, облека и обувки и престојувал во луксузни летувалишта – ресорти надвор од нашата земја што упатува дека ги пуштил во оптек паричните средства што ги прибавил со кривичното дело „Примање награда за противзаконито влијание, се наведува во обвинителниот акт.

Парче од колачот ѝ припаднал и на Јанева – освен мебел во вредност од 4.800 евра, според обвинението зела и пари во износ од 50.000 евра. За Боки 13 и Зоки Кичеец имало 1,5 милион евра.

Бојан Јовановски и Зоран Милески имале повеќе средба со Камчев и неговата сопруга на кои се договарале начинот на исплата на парите, а Јанева издејствувала ослободување на Камчев од притвор и враќање на пасошот.-Откако првообвинетиот заедно со третообвинетиот ги добил договорените 500.000 евра од сопругата на сведокот и покрај тоа што постоеле неизменети околности врз кои била определена и продолжена мерката притвор, второобвинетата до Апелациониот суд – Скопје доставила предлог за определување на поблага мерка – куќен притвор, кој предлог бил прифатен од страна на судот.

-Согласно договорот, по исплатата на првите 1.000.000 евра, второобвинетата доставила писмена согласност до судот одземената патна исправа привремено да му биде вратена на сведокот, соопшти Обвинителството.

Во случајот „Рекет“ Јордан Камчев е оштетен сведок, иако парите ги давал за да добие олеснителни околности во постапки против него за „Империја“.

Сања Трајковска Ставров