Случај „Рекет 2“- Заев добивал информации од ОЈО за истрагите за „Дијамед“

Јавното обвинителство го информирало премиерот Зоран Заев, а преку него и министерството за здравство и ФЗО, оти за фирмата „Дијамед“ која има и дваесетгодишна концесија за дијализа, ќе има истрага, изјави лично премиерот, кој потврди дека и самиот ги предупредил Швеѓаните што сакале да ја купат македонската фирма за истрагата.

-Кога се обраќа јавното обвинителство до државните институции, кои се под премиерот, Фондот за здравствено осигурување и министерството за здравство, ние знаеме дека се води истрага. Логично, чесно и одговорно е пред било кој инвеститор, како што е шведски „Дијаверум“, државата да ги соопшти сите информации, изјави Заев.

Заев потврди оти имал средби со Зоран Милески, алијас Зоки Кичеец, второосомничен во „Рекет“, кој веќе и регионални медиуми го споменаа како инволвиран и во аферата „Рекет2“, но не за „Дијамед“ туку за други бизнис интереси. Тој упати и порака до Вера Иванова, оти ако немала аргументи за обвинувањата, ќе има одговорност за неа, како што имало за министерот Филипче и Директорот на ФЗО, Ден Дончев.

-Сите треба да знаат дека кога индицираат некои работи, истите треба да ги поткрепат со аргументи, бидејќи кога се бараа одговорност од некои лица, двајцата, беа посочени и министерот Филипче и директорот Дончев, а еве вклучително и јас, да понесеме одговорност, но доколку нема за што, тој што ги отвара вака работите треба да понесе поинаква одговорност. Сите ние сме луѓе и имаме образ, а на крајот на денот сите ние знаеме дијализите кои беа, како се спроведоа, како самите цени се дадени за дијализи, начинот на спроведување, затоа прашајте во Јавното обвинителство, изјави Заев.

На прес-конференцијата немаше простор за прашања од Алфа, па останавме покуси за став на министерот Филипче, кој засега јавно не проговори за обвинувањата против него, оти според кривичната пријава, заедно со Дончев, злоупотребувајќи ги своите службени позиции, ја оштетиле Вера Иванова, ама и буџетот, преку обидите да ги предомислат Швеѓаните да ја купат фирмата „Дијамед“. Не добивме и одговор на прашањето дали Зоран Милески, за кој веќе во јавноста беа изнесени сомнежи оти е вмешан и во оваа афера, сепак неколку пати се сретнал со Дончев. Директорот на ФЗО претходно изјави оти Кичеец лично не го познавал.

Во претходниот период за аферата со „Дијамед“ што веќе го доби називот „Рекет 2“ говореше само Ден Денчев, кој се впушти во контра напад кон Иванова, па како во улога на обвинител говореше за криминални активности за сопственичката структура на фирмите ќерки, а го споменуваше и кумот на Никола Груевски, Ристо Новачевски. И двајцата, по прес-конференцијата ги демантираа сите тврдења на Дончев, а Новачевски дури најави и тужба против него.

Сања Трајковска Ставров