Словенија со нови 3 милијарди евра ќе и помага на економијата

Словенечката Влада го финализира текстот на новиот Закон за ублажување на последиците од коронавирусот кој според најавите ќе „тежи” речиси три милијарди евра, јави дописникот на МИА од Љубљана.

Владини извори информираат дека ако со првиот Закон, целта беше да се зачуваат работните места и да им се помогне финансиски на граѓаните, со новиот ќе треба директно да се поддржи индустријата, односно да се задржи ликвидноста на компаниите.

Коалиционите владини партии синоќа во Брдо крај Крањ ги договараа деталите на законот, а по состанокот партии излегоа со изјави дека се задоволни од исходот и дека предлозите на сите партнери биле земени во предвид.

Опозицијата и Синдикатите во Словенија имаа големи забелешки за првиот Закон за помош на граѓаните и работниците, а првичните најави се дека тие не се задоволни и од новиот.

Деталите за Законот набрзо ќе бидат објавени, а се знае дека ќе се подготви и трет ваков пакет помош, со кој ќе се стави посебен акцент на државната помош за секторите туризам и угостителство кои трпат огромни финансиски последици до епидемијата на коронавирусот.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста