Сликата од битолската болница наликува на вистински хорор филм

Пука трпението на граѓаните од корона хаосот во кој тоне македонското здравство. По скандалот со починатите пациенти во битолската болница чии тела покриени со чаршав лежеа во иста соба со пациенти на инфузија, вчеравечер ново вознемирувачко видео се рашири на социјалните мрежи. Средовечен маж хопитализиран во Клиничката болница во Битола сподели видео за да покаже во какви субстандардни услови се лекуваат пациентите позитивни на ковид 19. Тој сведочи дека самоиницијативно се организирале да купат сијалици за во ходникот, но и дека во тоалетот нема струја, па вели по нужда оделе во темница.

„Гледајте тоалетот каков е. Гледајте горе за да не капат фекалиите на тој што врши нужда има поствено чадор“, вели во видеотот пациентот од Битола.

Бура од реакции предивикаа скандалите кои ја тресат битолската болница. Пациенти кои веќе се лекувале во болницата споделуваат лични, но непријатни искуства.

„Во Битола забрана имаат вработените да ја известат фамилијата како е пациентот. Мојот татко почина во петокот, прашувавме како е бидејќи не се јавуваше на телефон. Во неговата соба цела ноќ беше со почината пациентка до него, а другиот ден и тој почина. Ни кажа хигиеничарката дека е починат, па и се заканиле со отказ оти не извести“, пишува битолчанка која поради лекарска негрижа го изгубила својот татко.

„Пред две дена во битолската болница почина човек здрав прав, без да му се даде прва помош. Не беше примен на преглед, а човекот беше со симптоми на инфаркт. Човекот имаше и тест за корона негативен, направен во приватна болница. Не го примија оти не признавале тест од други болници. Беа избркани на арогантен начин околу пладне, човекот почина во 21 часот“, ни пиша загрижен битолчанец.

Од Државниот здравствен и санитарен инспекторат велат дека во тек се два паралелни надзори во оваа здравствена институција – еден за починатите пациенти, друг за условите и хигиената во болницата.

„Во однос на видеото кое произлезе, тој вонрден инспекциски надзор во битолската болница се уште е во тек и ќе ги опфати и прашањата околу хигиената кои ги нотиравте“, вели директорката на ДЗСИ, Ирина Сотирова Бухова.

Од Инспекторатот велат дека од почетокот на пандемијата направиле 21 вонреден инспекциски надзори, но не прецизираа дали во било кој од надзорите биле констатирани некакви неправилности.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста