Слаб одзив за гласање кај дијаспората – едвај 25 отсто се пријавиле до денес

Нешто помалку од десет дена имаат на располагање иселениците да се пријават за гласање на предвремените парламентарни избори. Од ДИК велат дека досега се пријавиле 1530 иселеници, или нешто помалку од 25 отсто од потребниот број гласачи. Најголем интерес за изборно изјаснување имало во Германија, Италија и САД. За да се спроведе гласањето во дијаспората потребно е заклучно со 11 март да се пријават близу 7000 гласачи.
„Се надевам дека ќе го исполнат оној лимит којшто е потребен согласно Изборниот законик да се пријават најмалку колку што освоил пратеникот со најмал број гласови на минатите избори, а тоа е пратеник од ИЕ 6 кој освоил 6540 гласа. Ќе треба да се пријават најмалку толку и нешто повеќе за ние да организираме избори во дијаспората“, вели претседателот на ДИК, Оливер Деркоски.
Гласањето на дијаспората земјава ќе ја чини 20 милиони денари, што според првиот човек на ДИК е за десет милиони помалку од парите потрошени во 2016-тата.
„Потрошени биле средства од околу 30 милиони денари, нешто повеќе од оваа сума. Ние поучени од претседателските избори одлучивме да ги намалиме трошоците“, вели Деркоски.
На претседателските избори, пак, што се одржаа лани во мај, ДИК платила околу 450.000 евра на туристичка агенција за да се им се овозможи гласањето на 1.782 иселеници, покажува системот „Отворени финансии“. Агенцијата „Авиотурс Травел Сервис“, која го организирала превозот и сместувањето на организаторите, за првиот круг од гласањето добила нешто над 243.000 евра, додека за вториот круг 213.000 евра, кога на изборите своето избирачки право го оствариле едвај 814 иселеници.
Биљана Божиновска