Скринингот на населението почна, но не и скрининг во училиштата

Ниту Министерството за образование ниту Министерството за здравство, како најповикани институции, немаат информација дали и кога ќе започне најавениот скрининг на ученици по случаен избор кој треба да покаже дали има ширење на корона вирусот во училиштата

Немаме информација од Министерството за здравство, но тие соработуваат со Комисијата за заразни болести. Денеска има состанок, сигурно во наредниот период може да го организираат и скринингот. Нема никаква информација денеска кога почнува, рече Шаќири одговарајќи на новинарско прашање на настанот со кој започнува социјалниот дијалог насловен „Учи паметно работи стручно“.

Денеска започна скрининг тестирање на корона вирус на населението, но не се знае кога истото ќе биде спроведено и во училиштата. „За сега немаме информација кога ќе започне скринингот во училиштата“ – кратко ни одговорија од Министерството за здравство.

Претходно, Комисијата за заразни болести информираше дека за скринингот имале залиха од 20тина илјади брзи тестови, со кои ќе се тестираат ученици по случаен избор. Ова е втор скрининг, откако претходниот министер Венко Филипче спроведе на нешто помалку од 8000 ученици.

Дека потребно е тестирање на учениците предлагаа и педијатрите во земјава кои сметаат дека децата се асимптоматски носители на вирусот и многу лесно може да го рашират без да знаат. Тие бараа првото полугодие да почне само под услов ако здравствените власти да обезбедат еднаш до два пати неделно тестирање, а и да се размисли за проверка колку младите се имуни на Ковид-19.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста