Скрининг во училиштата – лекари алармираат за погрешна стратегија

Скринингот во училиштата кој го спроведува Министерството за здравство нема никаква логика бидејќи брзите тестови со кои се врши тестирањето не детектирале асимптоматски случаи, алармира микробиологот Никола Пановски. Според професорот, тестирањето за Ковид-19 тебало да се прави само кај оние ученици кои имаат симптоми на вирусот, бидејќи само така можело да се спречи ширењето на пандемијата во училиштата.

„Тие тестови јас би ги поделил во училиштата, би се направила мала обука и сите деца што сега ќе имаат настинки, бесплатно, веднаш да се тестираат. Или да се викне детето ако може или да отидат кај него дома. Тие 40.000 или колку имаат тестови. Скрининг да правиме ние на 8.000, а во Грција соседна се прави два пати неделно, на милион деца, значи два милиони неделно, ние сега на телевизија ќе гледаме како се прави скрининг. Мислам тоа е само со нешто да се занимаваме“, вели професорот Никола Пановски.

Скринингот во училиштата почна на 20 октомври, а надлежните се уште не споделуваат информации како тече тестирањето и какви се досегашните резултати. Неофицијално, ЦЈЗ Куманово, веќе детектирало еден позитивен случај во средното техничко училиште во Куманово. Ученикот ќе треба да направи и ПЦР тест за да се потврди присутво на вирусот.

Здравствените власти првично најавија дека со скринингот ќе бидат опфатени помеѓу 40 и 50 илјади ученици. Сепак, последната одлука е да се тестираат близу 8200 ученици по случаен избор. Скринингот ќе се спроведува во 364 основни и 109 средни училишта.

Според надлежните, од резултатите добиени преку скринингот ќе зависи како понатаму ќе се одвива наставата во училиштата и дали ќе има дополнителни мерки.

Сепак, лекари епидемиолози уште откако беше најавен ваквиот формат на тестирање на учениците реагираа дека лимитиран скрининг на репрезентативен примерок нема да даде реална слика за ширење на корона вирусот во училиштата.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста