Скопје „се дави“ во ѓубре по долгиот полициски час, граѓаните остро реагираат

Главниот град претрупан со ѓубре. Контејнерите кои се покрај станбените згради беа преполни со купови смет, кој буквално излегуваше надвор и паѓаше на улица.

Најлонски кеси, отпад, па дури и дел од намештај беше реалната слика пред речиси сите згради во центарот на градот, па и пошироко во околните населени места.

Скопје никогаш не било повалкано, алармираат граѓаните. Велат наместо за време на викендов, но и рано наутро кога нема голема раздвиженост да се исчисти, комуналните претпријатија никаде ги нема. За денешната, за жал град слика, граѓаните не бираа зборови, згрозени од глетката.

– Абе немам зборови, ова е невидено, катастрофа. Ја стварно не знам кај се луѓево да исчистат, тие треба уште сабајле да фатат на време, а не да оставаат ѓубре да се тура по улица, па ова е извор на зараза, катастрофа е, остро реагираат граѓаните пред камерата на Алфа.

Веќе четврти ден не била помината комуналната служба да го собере ѓубрето, велат граѓаните.

– Страшно е ова, никаде ги нема овие да зачистат. Сега во време на пандемија да треба да се чисти редовно, зашто контејнерите се најголем извор на зараза, велат граѓаните.

61 часовниот карантин освен што ги преполни контејнерите, ги преполни и маркетите. Гужва имаше, но не како онаа од изминативе денови. Граѓаните велат дека едвај чекале да излезат, зашто како што велат, се осеќале како затворени животни.

– Бевме буквално ко животинче во кафез, но тоа е, мора, што да се прави, велат граѓаните.

И додека граѓаните се гушат во ѓубре и смрдеа, директорот на „Комунална хигиена“ Абдусамед Шабани минатата недела рече дека ќе работат само до 16 часот, зашто не добиле дозвола од Министерството за информатичко општество да работат додека трае полицискиот час. Затоа, контејнерите низ Скопје беа преполни со ѓубре, а зашто во нив немаше место, сметот беше расфрлан по тротоарите и по улиците.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста