Скопје руши рекорди – шести најзагаден град во светот

Скопје полека, но сигурно се искачува на врвот на неславните светски листи по загаденост на воздухот. Македонската метропола се најде на шестото место по загаденост во светот и на глобалната апликација Ер Вижуал („Air Visual“). Од Град Скопје реагираат, велат поголемото загадување е само моментално, на интервали, но во суштина загаденоста не ги надминува граничните вредности.

Во изминатиов период просечните вредности на загаденоста на воздухот не ги надминуваат граничните вредности, односно тоа се случува само во кратки временски интервали и на одредени локации, додека посочената апликација ги регистрира само највисоките вредности постигнати во одреден момент. Се работи на системско решавање на проблемот што опфаќа 53 краткорочни, среднорочни и долгорочни мерки, се наведува во соопштението од Град Скопје.

Дел од мерните станици кои ги покажуваат штетните ПМ 10 честички во најзагадените места со месеци не се во функција. Таков е случајот со општина Гази Баба. Градоначалникот вели дека уште пред неколку месеци, го информирал министерството за животна средина. Тој уверува дека станиците се сервисираат.

И од Министерсвото за животна средина потврдуваат дека има технички проблеми со мерилата во Гази Баба, но и во Лисиче. Но до почетокот на овие вести не одговорија на прашањата на Алфа кога истите ќе профункционираат и колку чини нивната поправка.
Во моментот од 6 инструменти за РМ10 во Скопје, надвор од функција се 2 инструменти за РМ10: на мерното место во Гази Баба и Лисиче поради технички проблеми. По отклонување на проблемот, во најбрз можен рок истите ќе бидат вклучени во системот.
Станиците пак кои работат, веќе одамна ја минаа црвената линија. На места аерозагадувањето е и до пет пати над дозволеното ниво.
Во меѓувреме, се мобилизира граѓанскиот сектор. Од здружението „Еко свест“, велат дека започнале онлајн петиција. Тие бараат и од Градот Скопје и Министерството за животна средина да започнат со итна примена на мерки насочени кон намалување на загадување на воздухот во градот.

-Донесување закон на ниво на Град Скопје со кој се забранува употребата на јаглен за загревање во домаќинствата, ограничување на движењето на возила во централното градско подрачје (комплетно или делумно) и нов зимски сообраќаен режим за градот, намалување на данокот на додадена вредност за топлинска енергија со што цената за централно греење значително би паднала и корисниците би се стимулирале да се вратат на мрежата. Ова се само дел од барањата на здруженијата.

Во Македонија околу 1300 лица годишно умираат како последица од аерозагадувањето. Според податоците на Светската здравствена организација поради изложеност на загаден воздух годишно умираат околу седум милиони луѓе.

Сања Трајковска Ставров