Скопје повторно урива неславни рекорди – над 200 ПМ 10 честички

Инспекторите извршиле над 30 контроли на индустриски капацитети изминативе два месеца но не откриле ниту едно прекршување на прописите. Проверки, меѓу другите, имало и за Цементара УСЈЕ, Балкан Енерџи, Пивара Скопје… Сите работеле согласно пропишаните норми.
„Инспекциски надзори продолжуваат да се одвиваат согласно Кварталните Планови за работа“ велат од Државниот Инспекторат за Животна Средина.
Од Министерството за животна средина нема одговор од каде доаѓа енормната концентрација на штетни честички.
Синоќа Скопје повторно се најде на врвот на црната листа на најзагадени градови во светот. Индексот на загадување беше 266, што се смета за многу висок и опасен за здравјето на граѓаните. Податоците објавени на страницата „Ер Вижал” покажуваат дека и синоќа и денеска, Скопје се наоѓа високо на листата на најзагадени градови. Изутрината потешко се дише само во Казахстан и Индија. Индексот на загадувањето е 249.
Скопје смог аларм синоќа објави фотографија на Фејсбук од како што велат ,,хоророт наречен Ново Лисиче”.
Ова не е првпат Скопје да се најде на врвот на листата по загаденост. Слични податоци беа измерени и на 19 јануари, кога индексот на загадување беше 430, а на врвот на листата беше во друштво со градови од Индија, Пакистан. Четвртото место му припадна на Бангладеш, а петтото на Косово.
Иако владејачката гарнитура веќе две години раководи со централната власт, заменик министерот за животна средина смета дека токму оваа 2019 година ќе биде клучна за решавање на проблемот со воздухот.
Во саботата незадоволни граѓани протестираа пред Собранието барајќи од Владата итни мерки за решавање на проблемот со загадувањето, кој највеќе влијае врз децата и преплавија детските клиники. Покрај краткоричните, се бараат и долгорочни мерки за решавање на овој сериозен проблем. Организаторите, како велат, нерешавањето на проблемот со загадувањето е во неспособноста на веќе поставените кадри.Најавен е и нов протест за оваа сабота.

Meри Ѓорѓиевска