Скопје меѓу првите десет најзагадени градови

Скопје меѓу десетте најзагадени градови во светот – светските статистики покажуваат опасно аерозагадување во главниот град. Светскиот сервис за мерење на квалитетот на воздухот IQ AIR, Скопје го смести заедно со градови во Индија, Пакистан, Непал.  

Скопјани предновогодишната еуфорија ја чувствуваат паралелно со високото загадување на воздухот – помеѓу најзагадените се Кисела Вода, Маџир Маало, Аеродром, Топанско поле, Лисиче – каде во вечерните часови стигнува и до 300 микрограми.

Додека граѓаните очекуваат конкретни мерки за конечно да се реши долгогодишниот проблем – политичките партии се препукуваат и ја префрлаат вината од актуелен на поранешен градоначалник и обратно. До сега ниту едно раководство на Градот не успеа да извојува во оваа битка. Претходникот на Данела Арсовска – Петре Шилегов уште пред почетокот на неговиот мандат најавуваше низа проекти со кои би се подобрил квалитетот на воздухот – сепак, четири години, Скопје редовно се наоѓаше меѓу првите градови по загаденост во светот. Воздухот беше загаден и за време на неговиот претходник, Коце Трајановски – кој пред изборите во 2017 година, кога се бореше за трет мандат апелираше во борбата да се вклучат сите државни и општествени чинители.

Градската администрација вчера воведе бесплатен јавен превоз како мерка против аерозагадувањето – истата ќе трае додека нивото на ПМ-10 честички не се симне под 100 микрограми на метар кубен. Прашавме кои мерки дополнително ќе ги превземат.

Град Скопје исчисти над 120 депонии, на дел од нив се планирани нови зелени површини. Градот започна зголемен инспекциски надзор и воспоставување системски решенија со што секое физичко или правно лице кое ја загадува околината ќе биде казнето со високи глоби.  За прв пат неселективно се изрекуваат драконски казни, а една изречена неодамна беше во износ од 88.000 евра – информираат од Град Скопје.

Од СДСМ обвинија дека градоначалничката немала конкретни мерки за намалување на аерозагадувањето.

Арсовска го укина БРТ системот кој е еколошки проект за јавен превоз. Со ваков пристап нема борба против загадувањето, нема чист воздух. Благодарение на мерките спроведени од централната и локалната власт на СДСМ во изминатите четири години, аерозагадувањето во Скопје се намали за 33 отсто – велат од СДСМ.

Спроед СЗО аерозагадувањето е ризик фактор за срцеви заболувања, мозочни удари, белодробни болести. На светско ниво, аерозагадувањето годишно зема седум милиони жртви.

Инаку, високо аерозагадување има и во Гостивар, Куманово, Тетово, Гевгелија.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста