Скопје и општините во Македонија во минатата ковид година потрошиле 129 милиони евра за јавни набавки

Неверојатни 129 милиони евра потрошиле Градот Скопје и 80-те општини во Македонија во 2020 година.  Речиси идентична сума како и претходната година, што значи дека ковид кризата не влијаела на вредноста на јавните набавки на општините. Меѓу фирмите, трите со најголема вредност на договори за јавни набавки во 2020 година се градежната компанија Гранит АД Скопје, енергетската Енерџи Деливери Солушнс  од Скопје и градежната Пелагонија од Гостивар. 3454 договори за јавни набавки, со 1164 фирми, склучиле лани   Скопје и останатите општини во Македонија, покажуваат  истражувањата на Центарот за граѓански комуникации.

10,3 милиони евра повеќе од претходната година потрошил Град Скопје, па е прв на листата по зголемените вредности дадени за јавни набавки. По него следуваат Општина Гостивар со 5 милиони евра и  скопски Аеродром со 2,7 милиони евра. Најголеми падови, пак, во вредносен износ се забележани кај Општина Липково,Тетово,Штип и Прилеп.

Со најголем процентуален скок во јавните набавки се општините Арачиново и Сопиште кои лани потрошиле дури 16 пати повеќе во однос на 2019та година.  

За доминацијата на главниот град , зборува и податокот дека во Градот Скопје и 10-те скопски општини биле потрошени дури 45 % од сите пари за јавни набавки на општините во цела Македонија.

Првите 10 фирми со најголема вредност на јавните набавки имаат удел во вкупната вредност на набавките од 23 %, што е за 4 процентни поени повеќе од 2019 година кога уделот изнесуваше 19 %. Најголемиот договор за јавна набавка склучен од страна на единиците за локална самоуправа е на Градот Скопје со градежната компанија Гранит од Скопје во вредност од 6 милиони евра. Втор по вредност е исто така тендер на Град Скопје, од 2,6 милиони евра, со фирмата Ју-Бај од скопското село Бојане за реконструкција на булеварот Никола Карев. Третиот според вредност тендер на локално ниво е на Општина Гостивар во вредност од 2,3 милиони евра со тетовската фирма Аќуа-Инженеринг покажува извештајот на Центарот за граѓански комуникации.

Трошоци поврзани со кризата во 2020 година имале 73 општини и Градот Скопје, од вкупно 81 единица на локалната самоуправа. Овој износ претставува само 1,4 % од вкупните буџети на општините во кризната 2020 година. Малиот износ на буџетски трошоци за заштита од КОВИД-19, дел од општините го образложуваат со добиените донации.

Викторија Миткова