СКОПЈЕ  2014 – Македонскиот забранет град

СКОПЈЕ  2014 – Македонскиот забранет град

Кога во 2016 година пред нашите очи се раскрили таканаречената  Шарена револуција секоја  сцена и случување однапред  ми  беше очекувана и  добро  позната.  Особено затоа што години претходно,  на покана на паметни професори од некои факултети,  имавме прекрасни излагања пред  студентите  за  разурнувачкиот тек на  Арапската пролет.  Препознатлива не само според сценографијата туку и со присуството на  странските инспиратори.   Светски познати  автори кои ги обмислуваа   кадифените  револуции  самите  беа  дел  од  стратегијата  на  тврда и мека моќ.  

Денеска насекаде  резултатот од тие револуции е  уништена граѓанска држава  и ослабена  лева  идеологија.   Меката моќ целосно ги исцрпи своите механизми  па,  остана таканаречената тврда моќ  (hard power) така што,  оние млади со марами  и печатени маички веќе ги нема како што  повеќе  никаде  кока-кола лименка и фармерки не се исклучива асоцијација  за западот.   Дотолку полошо,  просторот го зазема  тврдата моќ,  воениот настап,  граѓански  немири и крвав расплет.  Значи веќе нема да има свирчиња,  истурање на бои.  Бомби  повеќе нема да бидат  синоним за прислушкувани разговори.  Сега се барат нови дечки кои ќе ни покажуват сила, мускули.  Ленти за блокади, судири со полиција.  Цврсто стегнатата тупаница подигната кон небото, сега ќе мора да удира директно во лицето.  

Со тие случувања  во Скопје,   бронзата,  мермерот и стиропорот од  проектот  Скопје 2014  го претвори централното  градско подрачје  во  ,,Македонскиот забранет  град’’.  Прекрасно  уредена  локација за која е потребна храброст за  позитивно јавно говорење.  Настрана од одредени промашувања, претерувања, евентуален криминал.  На тие процеси како обичен конзумент тешко се  влијае.  Не сакам  да отворам архитектонска расправа , ниту дискусија  од аспект на историја на уметноста,  ниту  историска расправа ниту  пак да политизирам.   Верувам дека  постои и научно и уметничко јасно изразено кредо на секој детал од овој проект кој е граден сосема современо но,  со реминисценција на одредени стилови.  И, со недвосмслени и јасни историски и културни пораки.

Прашањето за мене има  емотивен  карактер  и  граѓанска идентификација.    Признавам,  најтешко  ми паѓаа  нападите  на  изборот на дел од стилот.  Отворено се негираа изведбите во  неокласицизам и барок со потенцирање  дека таквото градење нема  пандан во нашата градежна историја и меморија. 

 Ние кои живеевме во  стари  објекти остварени  во сецесион со  столбови,  кариетиди, флорални орнаменти  од  Арт нова и Арт Деко имаме друго искуство.  Наследени и градени со наши пари да бидеме оставени без никаков траг во оваа општество.  Односно симболиката над нашите  влезови и глави да биде само знак за прогон цел еден век.

Мојата воодушевеност и емотивна приврзаност за пораката на  овој стил на градби никогаш нема да се смени.  Секое централно градско јадро и позначајните објекти во селата  уште  пред почетокот на  минатиот  век  (како и Скопје) се  градени  со  неокласичен про западен стил.  Кога некој живее во централното  подрачје  макар на најмал град  или поважно  населено место  има можност да ја  чуствува пораката на овие орнаменти.  Градени биле  како рецесија, како минијатури преку имитација со гледање на  разгледници и фотографии испраќани од  Европа.  Градени со плаќање на свои  ,,тешко заработени златни  лири’’.  Во знак на раскин со феудализмот и очекување на прогресот.  

Во времето на најславните  години на комунизмот овие приватни домови и деловни објекти се национализирани и доделувани на државни институции и на одредени семејства кои ги купуват. Потоа државата води политика  да ги руши и на нивното место да гради стамбени згради за работничката класа.  Фасадите се незаштитени, неинвестирани,  запоставени и распаднати.  Особено поради сложеноста на реставрацијата.

Иако таа историја  е позната  до сега не е доволно актуелизирана приказната на луѓето кои живееле во тие објекти. Нивната судбина  да бидат  избркани на улица,  па  да живеат тежок живот во разни интернации  денес  ни  нуди  важни заклучоци.

Најпрвин  до  денес важат се уште истите пресуди кои во тоа време се носени на плоштади и на планини.  И затоа Владата не треба да биде изненадена дека  овој лош судски систем нема  да се реформира самоиницијативно.  И  нема да добие поголем рејтинг  се додека не се ослободи од стари  пресуди и фалсификати.   И  без да направи  реизбор  на  кадри.

Во едно од поновите изданија  читам една преписка на ОЗНА.   Сопственик  на една  домашна  фабрика  според  документ  за негово следење  во 1944 година се подготвува  да побегне во Софија.   Сомнително е нели,   како газда  би побегнал во Софија каде што Црвената руска  армија после 9 септември стрела луѓе секој ден.    

Се симнувам во  подземните  простории  на една  стара мануфактура за облека.  Постои систем на мали прозори кои ја одржуват светлината.  Ги прегледувам машините кои овде се заборавени и уништени.  Ја растргнувам внимателно од нив правта и го читам серискиот број втиснат на осовината.

,,Клај  и Флинтје’’ е  германската  фабрика  каде во 1920 година се изработени машините  и,  пред сто години тие пристигнале во Македонија.  Постојат пишани документи потврдени со печат  од Видое Смилевски дека тука  е изработувана таканаречената Црвена Помош за партизаните.

Значи имало и облека и храна и пиво за партизаните,  имало и пари и помош,  поддршка и соработка, тајна и јавна.  Затоа,  оваа орнаментика ја следи неправедната  судбина  на  нејзините  ктитори кои  се обвинети  за предавство и ограбени.  Толку се омразени од претходниот систем и денешните епигони  што веројатно  не сакат ниту   поглед да фрлат врз висините каде зрачи нивната симболика.

Другиот заклучок е дека  денеска во нашето општество не постои стариот  изострен  класен судир на комунисти и капиталисти.  Не се скарани ,,сдсмовците  со вмровците’’ како граѓани.  Станува збор за една отуѓена клика.  Нејзината задача  е да ги негира  и поткаструва прогресивните домашни сили.  Едвај чека да види што се бара ,,од надвор’’  и да го антиципира некритички.  Тоа е целокупниот нејзин капитал.

Затоа кога Владата сериозно нуди  сосема  нормални и логички предлози за национално  единство  наидува на отпор.

Се надевам нема да заборават дека игрите со меката моќ  се завршени  па,  понудата овој пат може да биде ,,по тврда’’.

Како и да  се заврши  реализацијата  Скопје 2014   треба единствено  да  стане  фактор на  обединување.  Можност за идентификација на сите  класи и слоеви,  генерации,  етноси, национална гордост  и  обединување  на сите домашни сили и вкусови.

 И нормално,  да ја продолжи функцијата на привлекување  интерес  кај  странските туристи.

Петар Трајков

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста