Скопјаните фаворити за нов лидер на СДСМ- дали крилото на Заев станува минато?!
СДСМ се враќа во рацете на скопското крило, барем вакви се шпекулациите кои доаѓаат од внатрепартиските брифинзи во се уште владејачката партија. Таа остана без раководство, откако со повлекувањето на Заев автоматски паѓаат и сите раководни структури под него, а за дел од нив следува можеби и политичка пензија. Без фунцкии останаа Спасовски, Филипче, Царовска, Лукаревска, Николовски.
Веќе почнаа шпекулациите кој ќе го наследи Заев на Бихачка. Според неофицијални информации, циркулираат имињата на поранешната шефица на партијата, Радмила Шекеринска, но и поразениот на последните парламентарни избори, Петре Шилегов.
Како опција се споменува и Сања Лукаревска, која е партиска заменичка на Заев, а важи една ретките блиски до се уште премиерот од скопското крило. Таа во изјава за „Фокус“ тврди дека во моментот работат на реорганизирање на партијата.
-Заедно со претседателот Зоран Заев и со органите на партијата работиме на решенија и одлуки со кои СДСМ се реорганизира, а со единствена цел да продолжи да работи во интерес на граѓаните и државата. За секој конкретен, дефиниран чекор, јавноста навреме ќе биде информирана, истакна Лукаревска.
Барем засега, ниту Заев, ниту неговите партиски другари не се повлекоа од своите функции во Владата, од каде доколку набрзо премиерот не поднесе оставка, ќе и се гласа доверба.
А низа скандали зад својата работа имаат речиси сите најблиски соработници на Заев, пред се во прв ред Мила Царовска и Венко Филипче. Министерката за образование се лизна со образовните реформи, додека пак првиот човек во здравството зад себе последниов период ја тетовската трагедија, односно пожарот во модуларната болница, каде живи изгореа 14 луѓе. За волја на вистината Филипче барем декларативно понуди оставка од својата позиција, но таа откако речиси еден месец стоеше во фиоката на Заев, на крајот не беше прифатена.
-Нема да дозволам политизирање на трагедијата во тетовската болница. Ние политичарите не смееме да го толкуваме извештајот на вештите лица. Откриена е причината за пожарот и таа јавно објавена. Дадов насоки до МЗ да се направат контроли во сите болници. Доколку има човечка одговорност тоа е на кривичните органи, рече Заев на петти октомври.
Инаку, најголем дел од најблиските соработници на Заев како да исчезнаа меѓу првиот и вториот круг на локалните избори. Пред се ова важи за Венко Филипче, кој што едноставно ниту еднаш не се појави во медиумите последниве 20 дена, а ретки и неговите објави на социјалните мрежи.
Матеја Петровски