Скопјани може да останат без парно греење – „БЕГ“ има ресурси за уште еден ден

Ќе останат ли без парно греење над 50.000 домаќинства во Скопје, откако најголемиот снабдувач на топлинска енергија – „БЕГ“ најави дека од викендов ќе го исклучат парното за граѓаните, но и за компаниите кои се топлат на централниот систем. Од „БЕГ“ велат дека пари за набавка на гас нема, и може да греат до денеска. Бараат од државата времено да го преземе управувањето со компанијата до завршувањето на кризната состојба.

  • Како општествено одговорна компанија информираме дека немаме повеќе ресурси за обезбедување финансирање на грејната сезона без државна помош за компензирање на тарифата за производство на топлинска енергија, со што не ќе можеме да продолжиме со производство на топплина, велат од „БЕГ“.

За продолжување на греењето бараат 9 милиони евра за набавка на природен гас само за јануари. Првиот човек на РКЕ, Марко Бислимоски рече дека „Балкан енерџи груп” ќе остане без лиценца во моментот кога ќе престане да испорачува топлинска енергија во Скопје, а одговорноста ќе ја преземе Владата.

  • Предлогот што го понуди „БЕГ“ за регулаторната комисија е неприфатлив, имајќи предвид дека сите опции што ги понудија и регулаторната комисија и владата, бег и „ТЕ-ТО“ ги одбија. Дополнително, нека не очекуваат некој друг да им го реши проблемот за тие во мај да се вратат како принцеви на бели коњи. сè што треба да преземе државата за да си ги заштити граѓаните, ќе преземе, изјави Бислимоски.

Овие реакции следат откако и „БЕГ“ и „ТЕ-ТО“ се изјаснија дека владиниот предлог за решавање на проблемот со енергијата е неприфатлив. Владата донесе одлука „ТЕ-ТО“ да работи и за викенд и да го продава вишокот на струја на „ЕСМ“, а со тоа да се обезбеди и топлинска енергија за скопјани да не останат со студени радијатори.

Во меѓу време, Владата и Регулаторна одржуваат состаноци зад затворени врати – и најавуваат дека ќе ја информираат јавноста како ќе се реши проблемот откако ќе имаат одлуки, граѓаните се во прашалници како ќе ги затоплат домовите. Бараат алтернативни начини за греење, во случај викендов да останат на цедило.  

И додека од „БЕГ“ најавуваат дека немаат веќе гас, Обвинителството води предистражната постапка за пријава стара речиси три години.

Инаку, според последниот достапен финансиски извештај, „БЕГ“ во 2019 година, имал заработка од 982.000 денари, а во 2018 од дури 25 милиони и 679.000 денари.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста