Скопјани и денеска се разбудија во смог и магла, најзагадено во Кисела Вода

Магла, мирис на чад, лоша прегледност. И ова утро во Скопје има висока загаденост и густа магла. Покрај пандемијата со Ковид 19, овој период скопјани мака мачат и со загадувањето. Жителите на главниот град секојдневно се жалат  дека не можат да дишат оти  воздухот мириса непријатно. Погледот од повисоките периферни места на Скопје е разочарувачки. Граѓаните спасот за чист воздух го бараат на Водно но од таму освен магла, не се гледа ништо, посебно во утринските часови.

Загрижува фактот дека само две од триесетина мерни станици во македонската метропола покажуваат дека воздухот не е загаден. Апликацијата „Мој воздух“ најголема загаденост покажува во Кисела вода, Карпош 4 и Бардовци, каде пишува „Квалитетот на воздухот е опасен“. Многу загаден воздух има во Автокоманда, Ѓорче Петров, Аеродром, Козле, Маџир Маало, Карпош 2 и Карпош 3. На мерните станици во останатите општини пишува делумно загаден или загаден.

Граѓаните се плашат за својот живот оти истражувањата покажуваат дека долготрајната изложеност на загаден воздухот може да придонесе за последици кај веќе инфициран пациент со корона вирус. Во светот, во просек за околу 15 проценти се зголемува ризикот од смрт предизвикана од Ковид – 19 поради загаден воздух – покажува студијата на списанието „Кардиоваскјулар рисерч“.

Од друга страна, конкретни мрки за намалување на загаденоста нема. Нема ниту ограничување на сообраќајот со еколошки налепници и покрај усвоените законски измени на Законот за возила.  Градоначалникот на Скопје со уште едно „ќе“ – ветување дека ќе стави крај на загадувањето.

Ќе биде надминато и лудилото за дозвола за увезување на автомобилскиот отпад од Европа кој што сега го дишеме. Меѓутоа некогаш знае да има и подолготрајни последици.. Наредната сезона ќе имаме еколошки нотирани возила коишто ќе нема да влијаат на воздухот во Скопје. – изјави градоначалникот Петре Шилегов.

Владата минатата година најави дека има предвидено буџет за субвенции до 3000 евра, но сепак со граница, односно цената на новиот автомобил треба да биде од 10.000 до 12.000 евра.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста