Скопјани бараат од Шилегов итно да ги пренамени 200.000 евра што сака да ги потроши на украсување

Граѓаните најстрого ја осудуваат одлуката на Град Скопје да се потрошат 200 000 евра за новогодишно украсување во време на пандемија. Новогодишните и божиќните празници по се изгледа ќе се слават само во кругот на најтесното семејство, веројатно нема да има манифестации за одбележување поради заштита од корона вирусот, ама градскиот татко сепак ќе потроши висока сума на пари за да  ја украси македонската метропола. Ги прашавме граѓаните што мислат за овој потег. Велат во време кога здравството колабира, сиромаштијата од ден на ден се зголемува, а најзагрозените не можат да врзат крај со крај, нема смисла да се трошат пари на, за сега, непотребни работи.

Дали ќе се украсува или парите ќе останат во буџетот, од Град Скопје до сега не добивме одговор. Она што е добро познато е дека, Градот не може да ги пренамени парите за справување со корона кризата оти тоа не го дозволува законската регулатива. Тоа впрочем значи дека ако не се украсува, парите ќе останат во буџетот.

Наместо со државни пари, државава со корона кризата ќе се справува со донации. За новогодишните празници ќе биде отворена донаторска сметка каде што сите физички и правни лица, наместо за забави, ќе ги донираат за справување со здравствената криза. Ова е возможно поради тоа што станува збор за донации а не за буџетски средства.

И од најголемата опозициска партија со најостри критики. Велат, жално е што Шилегов веднаш ја одби иницијативата парите да се пренаменат. Апелираат на разумно однесување – без новогодишни украси може, но без функционално здравство и образование не.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста