Скопјанецот што сè уште се бори за живот, западно-нилска треска добил во Македонија

Скопјанецот заразен со западно-нилска треска, кој сè уште е во тешка состојба и се бори за живот, вирусот го фатил во земјава. Според епидемиолошкиот изјвештај тој не бил во странство, одмарал на планина покрај езеро во Македонија.

– Станува збор за 66 – годишен скопјанец, кој според извештајот не бил во странство. Тој има и дијабет и проблеми со притисокот, болести, што секако придонесуваат за оваа моментално лоша клиничка слика, вели Д-р Милена Стевановиќ, директор на Инфективната клиника.

Епидемиолозите велат дека засега нема ново заразени пациенти со западно-нилска треска, а ова го потврдија и од Инфективната клиника.
Лекарите велат дека освен навременото прскање против комарци, заштитата од убоди со спрееви за ваква намена и мрежи на прозорците за да не влегуваат инсектите во домот, друга превентива нема.

Епидемиолозите порачуваат оти нема простор за паника. Кај поголемиот број на случаи, граѓани што имаат силен имунолошки систем, вирусот западно нилска треска, не предизвикува никакви симтоми, кај помал број се манифестира како настинка, замор и главоболка, а само кај 1%, особено кај луѓе што имаат и хронични болести може да предизвика сериозни последици, како воспаление на мозокот. Поранливи се децата и повозрасните луѓе, но и кај нив вирусот може да мине како настинка. Овој вирус не може да се пренесе од човек на човек, туку само преку убод од комарец. Во рој комарци може да има еден заразен со западно нилска треска и да го пренесе вирусот на луѓе.

Сања Трајковска Ставров