„Скапа струја, сиромашен народ” – ВМРО-ДПМНЕ со уште еден протест

Вратите на Регулаторната комисија за енергетика останаа затворени за претставниците на ВМРО-ДПМНЕ кои денеска го одржаа вториот од низата протести поради поскапувањето на цената на струјата за 7,4%. Обидот на претставниците од партијата да го приложат нивното барање до надлежните беше безуспешен, бидејќи од Регулаторна не ги прими никој.

„Влеговме во Регулаторната комисија, но никој не ни отвори да го поднесеме ова барање – да се врати цената на струјата и да си поднесат оставка сите членови на Регулаторната комисија и претседателот кои се партиски кадри“ – вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски.

Дваесетина возила  ја блокираа крстосницата кај регулаторна. Изразија револт кон институциите, бидејќи како што велат  во време на голема сиромаштија, ги покачиле тековните трошоци на граѓаните.

„Поскапувањето на цената на струјата не значи ништо за тие кои крадеа пари од државата“ – вели генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев коментирајќи ја изјавата на премиерот Зоран Заев дека цената и со поскапувањето била поевтина од онаа во времето пред 2017 година.

„Заев вели дека економијата блеска, дека на народот му е супер, дека дури не можат да стигнат да ги потрошат парите коишто ги земаат, но граѓаните се свесни дека кога ќе влезат во продавница, цените се повисоки, а платите се исти, а се повеќе луѓе се отпушаат од работа, тоа стана реалноста во Македонија – вели Јанушев.

Од ВМРО ДПМНЕ  велат дека ќе се протестира се додека власта не го слушне гласот на народот. Во средата се одржа првиот протест на кој партискиот лидер Христијан Мицкоски побара од Владата да ја врати старата цена на струјата, да се вовед викенд без ДДВ во септември како што било ветено пред изборите и професионализација на регулаторната комисија со натпартиски кадри.

Адријана Алексиеска

Advertisements