Скандалозно откритие на австриски новинар: Македонија во Берлин понудила компромис за јазикот со Бугарите, но и тоа недоволно

Македонските власти се согласиле да признаат дека македонскиот јазик е кодифициран во 1945 година, а Македонија пред членките на ЕУ и пред европските институции, да изјави дека краткото име Северна Македонија, се однесува исклучиво на политичкиот ентитет Република Северна Македонија. Ова стои во нон пејперот кој го објави австрискиот новинар Кристијан Фердинад, од минатонеделната средба на Бујар Османи, Никола Димитров и Екатерина Захариева. Во нон пејперот договорен во Берлин се надополнува дека Бугарија го задржува правото, во унилатерална изјава која ќе биде анекс на преговарачката рамка, да објави дека под македонски јазик го подразбира јазикот во согласност со Уставот на Македонија.

Но ниту ваквите отстапки недоволни за источниот да не го блокира нашиот пат кон ЕУ. Шефицата на дипломатијата Захариева порача дека Бугарија е подготвена да ја сноси својата одговорност за таквиот потег, но повика на одговорност и од колегите во Скопје.

-Јас сум многу согласна Бујар дека имаме долг кон идните генерации, но ние имаме долг и кон сегашните генерации. Мислам дека ако нема вистинско помирување и чесно со дух на добра волја. Ставање на маса и одлучување за отворените прашања, тоа помирување нема да биде можно, изјави Екатерина Захариева.

Додека од Бугарија пристигнуваат пораки дека помирувањето во моментов не е можно, македонскиот министер за надворешни работи вели последните изјави од бугарска страна биле охрабрувачки.

-Историјата ќе биде оставена на историчарите, на академиците и тие треба да продолжат да најдат заеднички точки, кои што ќе не спојат за да ни обезбедат посветла иднина за сите граѓани од регионот. Јас сум охрабрен од последните изјави на Република Бугарија, во однос на правото за самоопределување и мислам дека тоа ќе биде дополнителен чекор да продолжиме понатаму во изнаоѓање на заеднички јазик, изјави Бујар Османи.

Во нон пејперот стои дека Бугарија ќе ја одобри преговарачката рамка за Македонија и ќе се согласи за одржување на првата меѓувладина конференција, што сепак не изгледа така според изјавите на бугарските власти.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста