СКАНДАЛОЗНО: „Јавна соба“ повторно отворена, МВР крева раце

Јавна соба повторно активна. Експлицитни фотографии од девојчиња и жени, броеви и лични информации се објавуваат во групата, каде моментално има повеќе од 6.000 членови. Проблемот со оваа група на апликацијата „Телеграм“, се актуелизира една година, откако беше објавено за истата.

Она што е поголем проблем е што полицијата тврди дека е со врзани раце кога станува збор за овој случај. Од МВР велат дека „Телеграм“ немал никаква соработка со институциите.

-Го повикуваме секој граѓанин што е жртва на ваква злоупотреба да пријави во најблиската полициска станица, а МВР во координација со обвинителството презема соодветни мерки. Таа платформа досега демонстрира целосна затвореност за соработка со владите на државите од која било земја. Се разбира, ги користиме сите други активности кои ни се на располагање за расчистување на овој случај, велат од МВР.

Се објавуваат секаков тип на фотографии и видеа, дел приватни, дел пак јавно достапни на социјалните мрежи. Една од жртвите на „Јавна соба“ на својот Инстаграм профил проговори за својот проблем, била објавена нејзина фотографија, со навредлива содржина. Иако случајот отишла да го пријави во полиција, останала без очекуваната помош и поддршка.

-Отидов во одделот за сајбер криминал да пријавам во Скопје. Им ја покажав сликата, ги покажав пораките, повиците, нели дека се тоа имам. Ги имам луѓето кои што мене ми ѕвонеа и мене ми пишуваа. Меѓутоа кога они слушнаа дека јас сум полнолетна, односно дека имам 28 години, дека они ништо не можат да направат, бидејќи законот во нашата држава важи само за малолетниците за ваквите случаи, вели жртвата на Јавна соба.

Од Обвинителството пак велат се уште трае предистражната постапка за претходната Јавна соба, а за новата група тек ќе виделе дали ќе се отвори процес.  

-Што се однесува до новата група со слична содржина, Јавното обвинителство ги следи информациите и ќе постапи доколку бидат утврдени елементи на кривично дело, велат од ОЈО.

Инаку Телеграм не е единствената апликација каде се злоупотребуваат експлицитни фотографии и видеа. Истиот случај како што објави Алфа пред една година, го имаше на сајтот волафајл.орг.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста