Скандалозните Ангеловска и Дураку „наградени“ со место во одборот на директори на „Телеком“

Станаа од министерските фотељи, но не се откажаа од државните пари. Владата ги „награди“ поранешната министерката за финансии Нина Ангеловска, вицепремиерот и министер за политички систем Садула Дураку, и директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов со места во Одборот на директори на Телеком.

И двајцата поранешни министри важеа за едни од најнепопуларните. Садула Дураку или поранешниот „Командант Вентили“ кој го остави Куманово без вода два месеци за време на конфликтот во 2001-вата, речиси две децении е дел од власта. Тој ги менуваше ресорите, но никако не се откажа од буџетските пари. Кариерата во администрацијата ја почна во Царинската Управа, па 4 години беше министер за земјоделство. Истера два мандати како градоначалник на Липково. Не се прослави ниту како министер за животна средина. Ретко се појавуваше во јавноста, критиките паднаа на грбот на неговиот заменик Макрадули. И кога конечно беше прашан за тоа што прави за да го намали загадувањето, се избламира. Месечно примаше плата од скоро 1.200 евра, но рече дека не се занимавал со граѓаните. Потоа се извини, но дамката врз неговата кариера остана.

Поради слабите резултати беше прв кандидат кој требаше да биде опфатен со популарната „метла“ на Заев. Сепак, тоа не се случи. Не само што не беше разрешен, туку беше и награден со вицепремиерско место и шеф на тогаш новотвореното министерство за политички систем. Не беше многу расположен за го реши проблемот ниту со рамковните вработувања, односно со околу 1.350 луѓе кои се уште седат дома, а примаат плата.

Од друга страна, Нина Ангеловска имаше кратка кариера во Владата, само една година. Дојде како засилување од приватниот сектор. Прво ја имаше непопуларната задача, јавно да се откаже од политиката на прогресивен данок, еден од најголемите адути со кој СДСМ и дојде на власт. Измени низа закони во областа на електронската трговија, со кои индиректно и помогна на нејзината компанија „Групер“. И таман кога броеше ситно до мирно  заминување од функцијата, се случи корона кризата. Нејзината компанија „Групер се најде меѓу фирмите кои земаа државна помош, во нејзино време енормно се зголеми јавниот долг, а на крајот на мандатот пропадна и Еуростандард банката и излезе на површина скандалот дека таа имала огромна заштеда која ја повлекла на време. Антикорупциската комисија поведе и постапка за да утврди дали таа имала интерни информации, кои ја поттикнале да си ги извлече парите. Процесот заврши без епилог. Немала кривична одговорност, само ги прекршила етичките правила.

Инаку, досега неизвршните и независните членови на Одборот на директори на Телеком примале надомест од илјада евра, потпретседателот 1.500 евра, а претседателот дури 5 илјади евра  месечно.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста