Скандалозни информации за РЕК Битола: 15 -тина вработени со фалсификат дипломи?!

Ви кажал некој дека во РЕК Битола „открија“ над 15 вработени со фалш-дипломи, од кои двајца се Македонци, а остатокот се од „соживотот“ и патем, со плата од 30.000-50.000 денари?!“. Ова е твитот кој деновиве стана вирален и ги зовре страстите на граѓаните на социјалните мрежи, особено заради сериозноста на енергетската криза со која се соочува земјава, и каде токму РЕК Битола е клучната алка во тој синџир.

  – „Сега ќе ги унапредат, исто како генералниот“, „Ех, ако почнат да проверуваат насекаде, со купени дипломи се преку 50%, тоа е Рекет 4 во Македонија“, „Ај, да ги провериме прво министриве“, „Затоа доттука стигна РЕК, а ние кутри од нив чекаме струја“, „Ќе не отрујат“, „Мафија невидена, затоа мора некој да одговара“, се само дел од коментарите на граѓаните на социјалните мрежи.

   Вчудоневиденоста да биде уште поголема, според некои неофицијални информации до кои дојде Алфа, бројот на вработени со фалс-дипломи во овој Комбинат, а кој во последниве месеци е потресуван и од низа други скандали кои укажуваат на нестручно работење, наводно изнесувал најмалку 40 лица?!

   Во потрага по веродсотојноста на овие наводи, Алфа побара став од надлежните во Комбинатот, од каде, писмено ни беше одговорено дека „РЕК Битола спроведува постапка за проверка на веродостојноста на уверенијата за завршено образование на редовно вработените лица и дека постапката се однесува на сите вработувања, во сите години наназад. Наодите од постапката АД ЕСМ, Подружница РЕК Битола ќе ги достави до надлежните органи“, – стои во одговорот на РЕК Битола.

 Одговор побаравме и од ОЈО во Битола, дали тие постапувале по ваков предмет, по допрен глас или инаку, но до овие вести оттаму не добивме никаква повратна информација.

  Од МВР пак велат дека „СВР Битола пред три месеци постапувало по еден случај, кој бил анонимна пријава, но по извршените проверки било констатирано дека пријавата е невистинита, односно лицето имало уредна диплома“.

  Инаку, колку за потсетување, во октомври годинава, ваква афера, исто на социјалните мрежи се појави и во врска со дипломата на братот на сега веќе екс-градоначачниката на општина Могила, а вработен во РЕК Битола. Тогаш, беа објавени и документи од кои јасно се гледа дека извесното лице, воопшто не се стекнало со диплома за геолошко-рударски техничар од СОУ „Наум Наумовски – Борче“ во Пробиштип.                                                                                          

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста