Скандалозен учебник по социологија ги зовре социјалните мрежи

Скандалозни книги за средношколци. Учебник по Социологија со дискриминаторна содржина ги зовре социјалните мрежи. „Ако жената е затворена во домот и нема никакви јавни улоги таа ќе нема можност да направи кривично дело“. Ова е само дел од скандалозниот текст печатен во учебник за втора година средно. Авторите на текстот, инаку еминентни професори по социологија, пишуваат дека жената која не излегува од домот е заштитена од многу комуникации, одговорности и конфликти и е упатена да се грижи за семејството, а со тоа била помалку изложена на криминогените фактори.

Текстот кој им се „сервира“ на учениците, во услови која Владата се залага за поголема родова еднаквост меѓу мажите и жените, денеска ја разбранува јавноста. Корисниците на социјалните мрежи прашуваат: Зошто и после толку минати филтри, никој од надлежните не го воочил овој пропуст?

„Образованието ни е дно, а ние секој ден слушаме за ЕУ и НАТО. Место да се фалат со реформи во образовниот систем. И по толку филтри никој да не го воочи овој пропуст – џабе титули на сите. Срамно е колку генерации работат по овој учебник“, се дел од коментарите на социјалната мрежа Фејсбук.

Оваа содржина е само дел од текстот во кој се дискриминираат правата на жената. Во истиот учебник прељубата се карактеризира како кривично дело на иста линија со уцените, кражбите, кривоклетство и недозволен абортус. И ова предизвика реакции кај граѓаните.

„Вие сте пример за креатори на заблуда, измама, дискриминација и низа други кривични дела со вакви објаснувања, и треба соодветно да бидете санкционирани“, пишуваат граѓаните на Фејсбук и бараат од МОН итно да го забрани скандалозниот учебник.

За ова Алфа став побара и од ресорното министерство – но оттаму нема никаков одговор.

Спорниот учебник по Социологија, во употреба е повеќе од 17 години, а на него се потпишани Нелко Стојаноски, Милева Ѓуроска и Зоран Матевски – сите тројца универзитетски професори.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста