Скандал на Министерството за култура – Интернационалниот фестивал „Актерот на Европа“ го оставија без финансиска поддршка

                Бирократите во македонската култура, кои во ресорното министерство управуваат со народните пари, небаре испоседнати во накривени фотељи, предизвикаа уште еден невиден скандал со меѓународна димензија. За нивната лимитирачка диоптрија или кусогледост, Интернационалниот фестивал “Актерот на Европа“ што скоро две децении опстојува во Преспа, годинава стана невидлив и го оставија без ниту еден денар. Токму поради тоа и поради осуманесетгодишниот континуитет, годинешното деветнаесетто издание  ќе се одржи од вечерва  и ќе трае до 11 јули, во онлајн издание. Во ризницата на бројните добитници на големото признание актер на Европа, како Љуба Тадиќ од Србија,  Јон Карамитру од Романија, Милена Зупанчиќ од Словенија, Ана Петерсон од Шведска, Раде Шербеџија од Хрватска, Брус Мејерс од Велика Британија и уште многу големи имиња вградени во европската меморија, годинешен лауреат е словачкиот актер Милан Кнашко, значајно име во својата држава, но и во Европа.

-За мене, кога разбрав дека сум прогласен за Актер на Европа, тоа беше една голема мистерија. Си реков, јас знам дека сум најдобар актер во Европа, но од каде знаат во Македонија и на овој фестивал, тоа е голема мистерија. Од кога длабоко размилив и кога видов колку големи актери учествувале, си реков, каков е тој миг што судбината  ми го додели да бидам заедно со уметнички имиња од цел европски континент. Вечно сум благодарен и после пандемијата се надевам дека ќе дојдам во Македонија и во Преспа- рече годинешниот лауреат Милан Кнашко.

Во официјалната фестивалска конкуренција, меѓу другите, ќе бидат прикажани сценски остварувања од повеќе европски држави и од регионот-  “Сонот на Хамлет“ во изведба на Ментор Зумберај од Косово, “Тобелија“ од љубљанскиот танцувачки театар, “Писмо од непознатата жена“ на Штефан Цвајг, “Дорунтина“ претстава од Тирана,  а во чест на наградените ќе биде изведена претставата “Грабнувањето на Елена“ од ланската лауреатка  Лука Чедрола.

Заради запрепастувачкиот ждановистички однос на бирократите во ресорот- култура, како потсетник, Фестивалот започна во 2003 година кога Европскиот парламент Преспанското езеро го прогласи за Меѓународен европски парк во ова балканско тромеѓе. Фестивалот со над двесте библиографски единици е валоризиран како врвнен културен настан во “Фигаро“,  “Монд“ и “Гардијан“, наспроти нашата кусогледост и беден дух.

Петар Стефановски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста