Скандал Димова- најава за разрешување или замајување на јавноста?

Ако Лидија Димова сама не си поднесе оставката, Владата ќе ја разреши. Вицепремиерот за борба против корупција, Љупчо Николовски една недела по избивањето на скандалот со трошењето на европските пари, најавува дека предлог за нејзино разрешување ќе достави на следната владина седница.

Директорката Лидија Димова, смета дека не треба да даде оставка, но јас имам спротивен став. На наредната владина седница ќе побарам оставка и разрешување на директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност – пишува Љупчо Николовски на фејсбук.

Барањето за оставка од Димова е само театар, потребна е кривична одговорност, реагираат од ВМРО ДПМНЕ. 

Театарот кој го прават СДСМ, Лидија Димова, Љупчо Николовски и Зоран Заев е само со една и единствена цел, а тоа е да се дефокусира јавноста од криминалот кој е сторен во Националната агенција. Оваа смешна препирка низ медиумите дали Лидија Димова ќе си даде оставка или не, дали Владата ќе ја разреши или не, е само театар за граѓаните, да мислат дека оваа Влада е одговорна и чесна. Лидија Димова влезе во низа од скандали кои достигнуваат огромни суми на пари, а сепак нема ниту еден отворен случај, ниту од Јавното обвинителство, ниту е повикана да биде сослушана“, вели портпаролот на ВМРО ДПМНЕ, Димче Арсовски.

Од Обвинителството потврдуваат дека истрага не е отворена, само велат дека постапува Финансова полиција.  Случајот го истражува Антикорупциска комисија, а го следи и Европската комисија.

И покрај низата скандали за трошењето на повеќе од половина милион евра европски пари, Димова рече дека не планира да ја напушти директорската функција во Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.

Според објавените информации Димова доделила 270 илјади евра европски пари на фризерница,потрошила и  90 илјади евра тригодишен лизинг на службени автомобили, се давале пари и за обука на магариња.  

Последното обвинување стигна од вработена во Агенцијата – дека директорката им вршела мобинг на вработените.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста