Сјајот и трагедијата на езерото Треска – изградено со пари на граѓаните сега ќе заврши во приватни џебови
Изграден со пари од граѓаните, кампот Треска своевремено бил вистинска атракција, но што го очекува наскоро? Крај или урбанизација? Наместо кампови, тука ќе изникнат хотели, куќи, трговски центри.
Некогаш омиленото место за рекреација ќе прерасне во туристички центар, ќе се бараат инвеститори кои ќе вложуваат за на местото на камповите, околу реката Треска, и селото Шишево да се изградат куп станбени објекти – Езерото Треска ќе добие нов лик. За тоа да го постигне Општина Сарај, која веќе неколку години стопанисува со кампот, камперите се принудени да се иселат, а им остануваат уште 20-тина дена од ултиматумот. Сопствениците на приколките гневни од одлуката на локалните власти да им го одземат она за кое во 70тите, неколку години одвојувале средства да се изгради со само придонес, немоќни, полека почнаа да се дислоцираат. Сопственичка на камп раскажа дел од убавите спомени на Треска, пред камерата на Алфа. Вели дека е неприфатливо властите да го одземаат она што е сопственост на граѓаните.
Неколку години по катастрофалниот земјострес, Скопјани ги запрегнале ракавите да изградат плажа. Со солидарност на граѓаните, и помош од ресорните градски служби, изградбата на спортско-рекреативниот центар била завршена во 1978 година. На самото отворање присуствувал и Јосип Броз Тито. Со години овој центар бил едно од најактуелните места за одмор. Денес, сликата е поинаква – рушевини и уништени кампови, оставени на забот на времето. Наместо надлежните да превземат и да ја вратат живоста на кампот, направија план кој ги разлути камперите. Градоначалникот на Општина Сарај Беџети веќе го презентираше урбанистичкиот план, кој предвидува изградба на различни објекти за кои инвеститорите ќе треба да дадат повеќе од 200 милиони евра.
Адријана Алексиеска