„Сите патишта водат кон Мала Речица“- неколку коалициони комбинаторики, Заев постизборно замина на одмор

Додека на големо се прават разни коалициони комбинаторики за следната Влада, лидерот на СДСМ Зоран Заев, постизборно заминува на одмор. Очигледно преговорите за брзо формирање на институциите, нешто кое власта го најавуваше како неопходно за справување со корона кризата, сепак ќе мора да почека, бидејќи СДСМ велат дека со разговори за коалицирање ќе започнеле по Илинден.

-Претседателот Заев од утре ќе користи неколку денови годишен одмор кој ќе го мине во државата. Имајќи го предвид изминатиот период исполнет со корона криза и предизборни кампањи, СДСМ се залага во деновите до и околу Илинден граѓаните да може да здивнат од политичките активности на партиите. После Илинден, согласно законските рокови, влегуваме во процес на дефинирање на владината коалиција водена од СДСМ, соопштија од СДСМ.

Тесната победа на СДСМ и БЕСА со само два пратенички мандати повеќе од ВМРО-ДПМНЕ, го прави ДУИ клучен фактор за формирање на следната Влада. Без интегративците формирање владејачко мнозинство е речиси невозможно. Тоа на Фејсбук го тврди и Бујар Османи велејќи дека сите патишта сега водат кон штабот на ДУИ. Од таму велат дека ќе разговараат со секој политички субјект за можна коалиција.

-СДСМ- БЕСА 46, ВМРО-ЛЕВИЦА 46, ДУИ 15, Алијанса 8, Алтернатива 4, ДПА 1. Сите патишта водат кон Мала Речица, пишува на Фејсбук Бујар Османи.

Дека без ДУИ е реално невозможно да се состави Влада согласен е и универзитетскиот професор Владимир Божиновски. Тој во гостување во „Што не е јасно“ на Алфа, вели дека следуваат тешки преговори за оформување ново владино мнозинство.

-ДУИ е константа. Е сега што ќе се случува кој ќе биде партнерот на ДУИ, дали ќе биде тоа СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ ќе видиме од преговорите. Претпоставувам дека прво ќе се почнат преговори со СДСМ. Мислам дека тоа е првиот чекор, што не мислам дека ќе се направи. Многу работи ќе треба да прифати СДСМ доколку сака да биде дел од таа коалиција, изјави Божиновски.

И широка Влада е опција која во моментов изгледа реално, доколку ДУИ остане на уцената за Албанец премиер. Согласен со ова е и новинарот Дестан Јонузи. Тој во емисијата „Што не е јасно“ кажа дека Ахмети може да коалицира со секого, бидејќи правилото победник со победник веќе било прекршено.

-Сега се е возможно, сите карти се отворени и за широка коалиција. Треба да почекаме идејата на Ахмети за албански премиер како ќе биде прифатена од двете македонски политички партии. Значи може да го кршат мразот еден од овие два блока, или ВМРО или СДСМ да го прифатат како идеја и за прв пат да имаме Албанец премиер, изјави Јонузи.

Јонузи не ја исклучува опцијата БЕСА во Собранието да настапи самостојно, што би значело дека СДСМ би изгубил четири мандати и би имале два пратеника помалку од ВМРО-ДПМНЕ, што ја менува позицијата за можни преговори за состав на следната Влада.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста