Аџибадем Систина ги прави последните подготовки нивниот објект „Мала Богородица“ да прерасне во нов Ковид центар

Процентот на смртни случаи во приватните клиники е значително помал во однос на државните клиники. Од болницата Систина причината за високата смртност ја гледаат во недоволната нега од медицинскиот персонал. Од 60тина пациенти на респиратор во Систина, повеќе од 45 ја добиле битката со вирусот – во државните болници најголем дел од пациентите на механичка вентилација не успеваат да се извлечат од прангите на Ковид 19.

Во недостиг на болнички капацитети приватните болници мобилизираат дел од стручниот кадар во новиот Ковид центар кој ќе биде во старата болница на Систина – Мала Богородица. 90 проценти од кадарот ќе биде од „Систина“ и „Филип Втори“, останатите од помалите приватни болници. 

„Веќе е во тек формирање на координативно тело од страна на МЗ, и кое што ќе ја има главната улога за одлучување за прием на пациенти, нивно лекување, а приватните клиники ќе учествуваме со персонал, со комплетна опрема“ – вели др.Патриција Каламарас.

Според договорот на приватните болници со Фондот за здравство, Фондот ќе покрива само 6000 денари дневно од трошоците, останатите ќе паднат на товар на сопствениците. Цела инвестиција ќе чини околу 600 000 евра, посочуваат од „Систина“.

Во болницата “Мала Богородица” ќе бидат ангажирани пет доктори специјалисти и 30 сестри кои ќе се грижат за болни со полесна и средно тешка клиничка слика. Пациентите во тешка здравствена состојба ќе бидат хоспитализирани на Инфективната клиника или во ГОБ 8 септември. Од „Систина“ велат дека кадарот кој ќе биде ангажиран нема да прави тријажа – кои пациенти ќе бидат хоспитализирани и каде, ќе добиваат насоки од МЗ. 

Реконструкцијата на новиот Ковид центар е завршена, останува доопремувањето на просториите кое ќе се изврши наредниве денови – информираа од приватната болница. Доколку неделава завршат сите административни процеси, в понеделник болницата ќе ги прими првите пациенти.

Адријана Алексиеска

Поврзани вести