Синот на Митко Пешов одбиен на конкурс за МВР, му рекле дека е „безбедносен ризик за Македонија“ – пресудите за 27 април се неправда и за осудените и за нивните семејства

Симбол на неправда, незаконие, политички прогон – пресудите за 27 април предизвикуваат горчина и незадоволство кај многу луѓе во Македонија, вели Панче Тошковски адвокат на Митко Пешов, првостепено осуден на 15 години затвор. Човек кој 23 години животот го дал за безбедноста на Македонија, е неправедно осуден е за терористичко загрозување на уставниот поредок. И не само осудените, според Тошковски, горката неправда ја чувствуваат и нивните семејства.

Кој ќе биде одговорен за нивната репресија, за нивниот живот? Кој ќе биде одговорен за жртвата на нивните фамилии? Синот на Пешов официјално беше одбиен од конкурс од МВР само заради  тоа дека е негов син. Пишуваше, „ве известуваме, бидејќи за вашиот татко се води кривична постапка, и вие претставувате безбедносен ризик за Македонија“ А неговиот татко 23 години животот го дал за Република Македонија. Ај што трпат обвинетите, и децата нивни трпат – вели адвокатот Панче Тошковски.

Митко Пешов, кому магистерската теза му беше употреба на специјални единици од страна на полицијата, вели Тошковски, токму за тоа е и осуден. Првично е гонет дека како носител на средбрена команда, не превземал мерки. Но иако одбраната имаше доказ дека тој не бил носител на никаков команден протокол, судот тоа не го зеде предвид.

Дека судскиот процес е политички прогон, според Тошковски покажува и фактот што обвинението било засновано на изјава на тогашен портпарол на СДСМ.

Во четвртокот во Собранието беше извршено кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок – изјави Петре Шилегов, на 29.04.2017, тогашен портпарол на СДСМ.

Овој случај, нема никаква суштинска поврзана со членот 313. Еден портпарол на една политичка партија излезе на телевизија, и даде одредена квалификација, употреба на овој член од КЗ. Таквата најава, од страна на портпарол на политичка партија, после тоа беше срочена во обвинение, потврдена со првостепена пресуда и заверена со второстепена пресуда. Замислете, кривично дело претходно неприменето ни еднаш во овие 30 години – вели Тошковски.

Како минува време, ќе се откриваат сите незаконитости и нелогичности – дека овој процес е се, само правда не – овој став го делат многу правници, кривичари, адвокати.

Катастрофа, симбол на неправда, ако има надеж во Македонија за подобро утре, еден ден оваа пресуда ќе падне, и осудените ќе се третираат како луѓе кои биле дел од еден процес каде се докажала неправдата – додава Тошковски.

Судскиот процес за настаните од 27 април се изучува на странски универзитети како негативен процес, и затоа според адвокатите, и во Македонија треба да биде пример како не треба. Бидејќи, не е неправда само за осудените, туку и за нивните семејства и целата македонска јавност.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста