Синоќа измрзнаа овоштарници во Горна Преспа, а ланските штети не се платени

Додека преспанските овоштари од Долна Преспа со нетрпение ги очекуваат парите од ланската штета, кога невремето им ги покоси овошраниците и направи пакост врз куќите и помошните објекти, овие два дена, синоќа и завчера природата повторно беше сурова и ниските температури до минус 6 степени целзиусови, ги измрзнаа овошките во неколку села од Горна Преспа.

  • Добивме информација дека кај селата од атарот во Покрвеник и Волкодери, беа зафатени со ниски температури -4 до -6 степени на некои места. Ние, во рамките на Општината имаме поставено Комисија за општински штети, која на барање на земјоделците ќе излези на терен и ќе ја утврди штетата- рече д-р Живко Гошаревски, градоначалник на Општината Ресен.
  • Згор на с`е, имавме ниски температури во целата Преспа, а во мерната станица во Покрвеник беа измерени 4,4 степени целзиусови , при што, утврдени се реални штети на терен од 10- 25% на производството на јаболка за оваа година. Во други региони штетите се помали оти температурата беше -2, сепак, штетите с енаправени од ланската година- рече Љубе Пмпулевски, претседател на Здружението на овоштари во Преспа.

Овоштарите од Долна Преспа, велат дека покрај потфрлањето на ланската реколта со јаболка, сега им се потребни средства за набавка на заштитни препарати и извршување други агрооперации, така што, се гневни зошто ветените пари с`е уште не им ги исплаќаат. Корона немаме, ама гајлиња колку да сакате, ни рекоа денеска.

  • Ги очекуваме парите за штетите од невремето да ни ги исплати Владата, бидејќи сме на работ на егзистенција. Како што можеме да видиме на терен, дрвата се многу оштетени, па дали ќе имаме 20- 30% род оваа година?- се запраша Милан Николовски од с. Штрбово.- Само лажат, кој да дојди ќе вети дека ќе донеси некој денар, ќе пуштат пари. Еве, сега фатила корона, по три месеци кој знае што ќе фати, а за луѓето нема пари. За нив, ќе има и јагниња и прасиња, а не се дојдени и ич не им сме на терет на цела државна администрација- рече Зоран Дајешевски од с. Штрбово.

Проценките на Општинската комисија за ланските штети изнесуваат 4, 2 милиони евра, а најголемиот дел опфаќаат земјоделски површини, додека 1/ 4 од парите за штети на куќи и други објекти. Елаборатите и барањата се доставени до ресорното министерство на трети март, но кога Владата ќе плати е сосема неизвесно, особено што во прв приоритет се струмичките земјоделци, како што велат преспани.

Петар Стефановски

 

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста