Синдикатот и Владата не се договорија, децата остануваат дома наместо во училиште

Пропадна и последниот обид меѓу Владата и СОНК за раст на платите во образованието. По двочасовната средба договор нема, иако од синдикатот се надеваа на добри вести. Од кај министерот за образование излегоа разочарани, зашто не им бил понуден никаков предлог за зголемување на платите. Првиот човек на СОНК по неуспешната средба рече дека штрајкот продолжува се до исполнување на нивните барања.

  • За жал немаме добри вести за јавноста, штрајкот ќе продолжи и во наредните денови од причина што немаме конкретно ветување дека зголемување на платите ќе биде во висина од некој процент, соопшти претседателот на претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура, Јаким Неделков, по денешната рунда преговори во Министерството за образование и наука.

Министерот за образование Јетон Шаќири се согласува дека треба да се зголемат платите и дека низ преговори треба да се утврди најдобриот начин за тоа. По средбата преку соопштение рече дека приоритет морало да биде враќањето на учениците на училиште, за да не се пролонгира учебната година, полагањето на матурата и уписите во средните училишта и на факултетите.

  • Министерот рече дека секој нереализиран наставен ден поради штрајкот, значи продолжување на наставната година по 9 јуни, имајќи предвид дека законските прописи не дозволуваат намалување на наставните проглами во вакви околности, велат од МОН.

Но, за да престане штрајкот од СОНК очекуваат конкретен предлог за зголемување на платите, кој треба да биде прифатен и изгласан од членството.

  • Од таа причина очекуваме од МОН овие денови да излезат со конкретен предлог, па и со некаков допис кој на писмено ќе го имаме од нив како гаранција за тоа што се договараме, дали веднаш ќе можеме да одлучиме да се стави штрајкот во мирување или не, ќе зависи од тоа што МОН односно Владата ќе излезат со предлог. Сите сме расположени да се прекине штрајкот и да почне наставата, меѓутоа тоа ќе одлучи членството, а тоа ќе одлучи врз основа на конкретен предлог кој би го прифатиле мнозинството наши членови, рече Неделков.

Синдикатот на СОНК штрајкува од 11 месецов, зашто власта ги игнорира нивните барања. Просветарите одат на работа, но не држат часови. На таблите во училниците наместо лекции за учениците и денеска пишува „Штрајк“, наместо настава.

СОНК бара од владата зголемени плати за 18,4% согласно зголемениот минималец и потпишаниот Колективен договор.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста