Синдикатите излегуваат на улица – КСС на протест на 15 април

Незадоволни поради актуелната состојба со работничките права, Синдикатите на 15 април излегуваат на протест. „Македонскиот работник е осиромашен и не може да ја преживее кризата, се отпуштаат работници и се принудуваат спогодбено да потпишуваат договори за отказ“ – реагираат од Конфедерацијата на слободни синдикати. И покрај притисоците врз синдикалните лидери, во четврток ќе го истакнат својот револт кон институциите кои немаат слух за нивните барања. Апсурдно е, коментираат, да се зборува за зголемување на минималната плата од 1,7 проценти кога инфлацијата во март е 2 проценти.

Со овој предупредувачки протест ги повикуваме надлежните да седнат и сериозно да ги разгледаат нашите барања, кои не се илузии, туку имплементирање на постоечките закони во државава – вели претседателот на КСС, Благоја Ралповски.

Она што дополнително загрижува е доцнењето на и така, недоволната помош од Владата за пребродување на корона кризата. Бројките на работници кои ја изгубиле работата растат. До сега официјално околу 60 000 работници останале без месечни приходи, а нови отпуштања се очекуваат во угостителскиот сектор кој е затворен со новите рестриктивни мерки.

И овие мерки се на истиот принцип, тие што ќе земат ќе земат, но верувајте дека ќе има работници кои нема да земат ниту тоа што ќе им биде дадено како помош, или на некој ќе им биде исплатено малку, многу помалку од она што ќе му биде исплатено на работодавецот – вели Ралповски.

Загрижувачки податоци објави Државниот завод за статискита кои покажуваат дека речиси четвртина од граѓаните тонат во сиромаштија. Над 450 000 луѓе едвај врзуваат крај со крај. Според пресметките на Сојузот на синдикати, пак, минималните трошоци на едно четиричлено семејство кои во март изнесувале 33.772 денари, не можат да се покријат со просечната плата во земјава.

ССМ повеќепати досега бараше зголемување на минималната плата за 60 проценти од просечната, а согласно тоа, да се изврши и скалесто зголемување кај останатите плати.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста