Синдикатите бараат итно прогласување на недела неработен ден и повисока минимална плата

Итно да се донесе Законот за недела неработен ден и да се покачи минималната плата – Сојузот на синдикати на Македонија се закани со генерален штрајк доколку не се унапредат работниичките права. Празни ветувања од власта и оправдувања дека Собранието е блокирано или нема кворум поради отсуство на дел од пратениците – е реалноста месеци подоцна, наместо, од 1 октомври, како што ветуваа, секој што ќе работи во недела да добива екстра дневница, а оние што ќе го прекршат законот да добијат ригорозни казни.

Како што можат во четврток да се соберат, и да се борат за политичка власт или превласт, исто така може да се соберат сите пратеници и да го изгласаат Законот – вели Дарко Димовски претседател на ССМ.

Од Сојузот на синдикати бараат да се донесе и нов Закон за работни односи со кој ќе се регулираат договорите на работниците, прекувремената работа, регресот за годишен одмор. Велат дека ќе ги бараат своите права на улица, а најмногу што можат да им дадат рок на властите е еден месец.

И за тоа уште од прв ден, не тактизирајќи, дали ќе дојде до политичка криза, го изнесовме нашето барање јавно, бидејќи доста беа оправдувања, дека не можат да се соберат, дека биле политички ангажирани итн. Доколку не се изласа Законот, право на работникот е да излезе на улица и таму да си ги бара работничките права – додава Димовски.

Во јуни, премиерот Заев се пофали дека Владата го усвои нацрт законот за недела неработен ден. Веднаш после тоа, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска,  одржа средба со претседателот на ССМ Димовски и уверуваше дека законот ќе биде донесен до октомври. Потоа, на ред дојдоа собраниските процедури, но постојано се појавуваа проблеми.Дека уште во  јули, парламентот не работеше со полна пареа, покажуваше и состојбата со интерпелациите на Бојан Маричиќ и Љупчо Николовски кои висеа поради отсуство на претседателот на Собранието но и немање кворум поради отсуство на пратениците. Ниту тогаш не можеше предлог законот да биде ставен на дневен ред. Во август пратениците заминаа на колективен одмор, а кон средината на септември Собранието се распушти поради локалните избори. Сега, власта се правда со актуелната состојба и неизвесноста поради што на Парламентот му претсои гласање недоверба на премиерот Зоран Заев кој најави дека ќе поднесе оставка но не ја достави до надлежните органи. И додека вината за неисполнетите ветувања  само се префрла од институција на институција, работниците не добија ниту покачување на минималната плата, ниту унапредување на работничките права.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста