Синдикати за Алфа: Минималецот од 18.000 денари мора да резултира со усогласување на останатите плати
Работниците ја извојуваа битката за минималецот, ама незадоволството не се смирува додека не се обезбеди и скалесто зголемување на сите плати. Синдикатите реагираат и бараат од власта да го донесе Законот со кој тоа ќе се овозможи. Оппозицијата инсистираше со амнадман тоа да се спроведе, но вчера предлогот не помина во парламентот.
Ако нема усогласување на сите останати плати со минималната, граѓаните и натаму едвај ќе крпат крај со крај за да преживеат. Синдикатите алармираат дека зголемениот минималец мора да резултира и со скалесто покачување на платите за да не се предизвика крах на системот и да не доведе до урамниловка – голем дел од јавниот сектор ќе се сведе на минимална плата, па така референтите и советниците ќе бидат платени како хигиеничарите и општите работници. Синдикатот на работниците од управата и правосудните органи (УПОЗ) се заканува со штрајк ако нема порамнување на сите примања.
- За поздравување е зголемувањето на минималната плата и тоа е голем чекор. Али, важно, па и најважно – мора да има скалесто зголемување на сите плати, тоа е најважно во моментов. Но, не можам да сфатам зошто Владата не најде и нема слух да го уважи членот 8 од Законот за минимална плата како што тоа се направи во прилепската локална самоуправа со потпишувањето на Колективниот договор. Ако не се примени Колективниот договор, тоа ќе претставува кривично дело, објаснува Деаноски за Алфа.
И од најголемиот синдикат на Образованието СОНК бараат итно да се преговара за раст на сите плати, како во јавниот, така и во приватниот сектор. Го поздравуваат носењето на Законот за минимална плата од 18.000 денари, почнувајќи од мартовската исплата, но се бара фер однос од сите страни.
- Мислам дека треба сега и веднаш да се пристапи кон скалесто зголемување на сите плати. Мора тоа да се случи се, Грижата за работниците е наш врвен приоритет бидејќи тие се наша најголема вредност. Да не заборавиме дека минималец ќе земаат само 18% од граѓаните, а останатите не се задоволни, затоа мора да се зголемат платите за околу 20%, за да се живее некако, во спротивно ќе биде лошо, вели меѓу другото за Алфа првиот човек на СОНК, Јаким Неделков.
И граѓаните со душа чекаат зголемување на платите, зашто веќе се точи поскап бензин, се троши поскапа струја за 10%, сите производи и услуги за живот заминале на горе, а капак на се е инфлацијата од 6,7% која дополнително „им ги јаде“ парите на граѓаните. Дека тоа е така покажува и последната пресметка на синдикалната минимална кошница. Таа во јануари „тежела“ 35.811 денари, или дури 770 денари повеќе од декември лани.
Кога беше најавен поголемиот минималец, Владата се пофали дека со две најниски плати ќе може да се наполни софрата, па дури и да останат пари. Сега, уште пред да почне исплатата тоа повеќе не важи.
Борис Грујоски